Словенија повеќе ќе вложува во спортот и своите репрезентации затоа што спортистите се вистински амбасадори на својата земја во светот, а следната година ќе покренат проект за воведување на еден час физичко воспитување дневно во сите основни училишта, најави во вторникот словенечкиот премиер Миро Церар.
„Оваа година наменивме за спортот дополнителни два милиона евра буџетски средства, а еден од важните следни проекти на оваа влада е воведување на еден час дневно физичко воспитување за сите ученици во основните училишта“, изјави неодамна Церар, на отварањето на собранието на Олимпискиот комитет на Словенија во Љубљана.
Премиерот на Словенија и основач на Партијата на модерниот центар (ПМЦ) со која победи на изборите во 2014 година е син на Мирослав Церар, некогаш познатиот гимнастичар кој во дресот на Југославија во 60-тите и 70-тите години освојуваше медали на олимписките игри и на светските првенства, а најдобрата дисциплина му беше вежба на коњ со рачки. И мајката на Миро Церар, починатата Зденка Церар беше успешна гимнастичарка, па и актуелниот словенечки премиер наследил доста од спортските гени на неговите родители, на млади години играл кошарка и фудбал.
Церар на собранието на националниот Олимписки комитет рече дека неговата влада подготвува законски измени кои ќе овозможат брза натурализација на врвни странски спортисти кои ќе можат да ги засилат спортските клубови, а особено репрезентативните екипи кои ќе се борат за светскиот врв или за медали на олимписките игри и светските првенства. До сега тие не можеа да добијат државјанство, ако пред тоа една година не престојувале во Словенија, а тоа според новиот закон ќе биде можно ако е во интерес на некоја од репрезентациите и самата држава, најави словенечкиот премиер.
„Ви изразувам благодарност и признание на сите вас кои работите за доброто на словенечкиот спорт кои го носи името на Словенија по целиот свет. Спортот е навистина еден од најдобрите наши амбасадори“, изјави премиерот Церар.
Тој најави дека ќе се донесе пропис според кој репрезентациите во различните спортови во иднина ќе мораат да настапуваат во исти дресови, во дресови со исти дизајн и бои, за на тој начин нивната појава се идентификува со државата од која доаѓаат, што до сега не беше случај.







