Грчкиот тенисер Стефанос Циципас се пласираше денеска во финалето на завршниот АТП турнир во Лондон, откако го победи третиот тенисер на светот, Швајцарецот Роџер Федерер, со 2:0 во сетови (6:3, 6:4).
Циципас, шестиот тенисер на светот, победи после еден час и 37 минути игра и прв пат во кариерата се пласираше во финале на завршен турнир.
Тој спаси 11 од 12 брејк топки, а искористи три од четири.
Циципас веќе во вториот гем од првиот сет му одзеде сервис на Федерер, а потоа, после гемот на свој сервис, поведе со 3:0. Тој таа предност ја сочува и успеа да спаси три брејк топки во седмиот сет за водство од 5:2.
Федерер не искористи две брејк топки во деветиот гем, а Циципас ја искористи седмата сет топка и поведе со 1:0.
Во вториот сет Циципас со брејк поведе со 2:1, Федерер веднаш го врати брејкот и изедначи, но грчкиот тенисер повторно му го одзеде сервисот и поведе со 3:2. После тоа двајцата освојуваа гемови на свои сервиси. Циципас ја задржа предноста од еден брејк и се пласираше во финалето.
Гркот дебитираше на турнирот, а Федерер играше за седмата титула.
Во второто полуфинале ќе играат бранителот на титулата Германецот Александар Зверев и Австриецот Доминик Тим.







