Актуелниот претседател на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, со освоени 36, и Јаков Милатовиќ со освоени 29 отсто од досега пребројаните гласови влегуваат во „финалето“ од претседателските избори, соопшти Државната изборна комисија на Црна Гора.
Вториот круг во кој силите ќе ги одмерат двајцата со најмногу гласови ќе се одржи на 2 април.
Од трката по првиот круг отпаднаа Андрија Мандиќ, од Демократскиот фронт, кој освои 19,2 остсто од гласовите, „демократот“ Алекса Бечиќ, со освоени 10,9 отсто, Драгиња Вуксановиќ Станковиќ од Социјалдемократската партија, со 3,2, Горан Даниловиќ, кандидат на „Обединета Црна Гора“, со 1,3 отсто и независниот Јован Радуловиќ со 0,8 проценти.
Право на глас во првиот круг имаа 542.154 црногорски граѓани. Вчера гласале 63,6 отсто или околу 344.700 гласачи.
Според законот, за некој да стане претседател на Црна Гора, потребно е да освои повеќе од половина од гласовите во првиот круг.
Претседателот се избира со мандат од пет години.







