Бројни челници, меѓу кои се и чешкиот премиер, јорданскиот крал и претседателите на Кенија и Еквадор, криеле имоти во офшор фирми за да избегнат даноци, покажува истрагата која ја објави Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ИЦИЈ).
Истрагата во која учествувале 600 новинари, наречена „Пандора пејперс“, која се темели на околу 11,9 милиони документи од 14 фирми за финансиски услуги, разоткрива повеќе од 29.000 офшор компании.
Според тие документи, јорданскиот крал Абдулах II основал најмалку триесетина такви компании во, како што ги нарекуваат, „даночни оази“ и преку нив купил 14 луксузни куќи во Соединетите Американски Држави и Велика Британија за повеќе од 160 милиони долари.
Чешкиот премиер Андреј Бабиш вложил 22 милиони долари во фирми кои после послужиле за купување на дворецот Бигауд, на југот на Франција.
Еквадорскиот претседател Ѓилермо Ласо вложил средства во два труста чие седиште се наоѓа во Јужна Дакота.
ИЦИЈ ги открива врските меѓу офшор сопствеништвата и 336 челници и политички функционери кои основале 1.000 фирми, од кои повеќе од две третини се на Британските Девствени острови.
Меѓу нив се и колумбиската пеачка Шакира, германската манекенка Клаудија Шифер и индискиот играч на крикет Сачлин Тендулкар. Се појавуваат имињата и на некогашниот британски премиер Тони Блер, кој купил недвижност во Лондон преку фирма во странство, на поранешниот француски министер и некогашен директор на Меѓународниот монетарен фонд, Доминик Штраус Кан. Документите го поврзуваат и рускиот претседател Владимир Путин со недвижности во Монако.
Во повеќето земји тие постапки не можат да се процесуираат, но ИЦИЈ ги спореди говорите на политичарите против корупција со нивното вложување во „даночните оази“.
Кенискиот претседател, Ухур Кенијата, повеќе пати изјави дека е подготвен да се бори против корупцијата и ги обврза државните службеници на транспарентност во врска со нивните имоти. Но, „Пандора пејперс“ откриваат дека кенискиот претседател поседува фирма во Панама, а неколку членови од неговото семејство повеќе од 30 милиони долари на офшор сметки.
Американскиот центар за јавен интегритет во 1997 година го основаше ИЦИЈ, кој десет години подоцна, во 2017-та, стана независен ентитет.
Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари е независна меѓународна мрежа со седиште во Вашингтон, со повеќе од 200 нвоинари и 100 медиумски организации во повеќе од 70 земји.
ИЦИЈ стана познат во април 2016 година, после објавата на „Панама пејперс“, истрага базирана на околу 11,5 милиони документи од панамска правна фирма.
Тогаш открија скриени имоти на илјадници клиенти на „Мосак Фонсека“, меѓу кои беа некои славни лица. Објавата предизвика оставка на исландскиот премиер Сигмундур Давид Гунлаугсон и на шефот на пакистанската влада Наваз Шариф.
Во ноември 2017 година ИЦИЈ објави документи кои беа темелени на нов низ на документи од друга финансиска консултантска фирма, „Еплибеј“.
Меѓу познатите имиња на таа истрага за криење на сопственост на имоти и одбегнување на плаќање на даноци беа принот Чарлс, шампионот во Формула 1, Луис Хамилтон, и компанијата „Најк“.







