Чилеански научници кои ги проучуваат организмите на едно од најодалечените места на Земјата ги повикаа регионалните лидери да ги засилат напорите во борбата против климатските промени.
За време на неодамнешната експедиција, која беше одложена за една година заради пандемијата на корона вирусот, беа направени напори да се истражат штетните организми и начинот на кој тие влијаат на климатските промени.
„Плановите за прилагодување на климатските промени се застарени“
Чилеанскиот регион Магаланес, на јужниот крај на Јужна Америка каде што се спојуваат Атлантскиот и Тихиот Океан, се протега од Пунта Аренас преку Магелановиот проток до каналот Бигл.
Научниците со бродот за океански истражувања „Кабо де Хорнос“ тргнаа на патување низ теснец опкружен со врвови, глечери и птици во лет, фокусирајќи се на истражување на водите кои имаат помала количина на киселост, соленост и калциум од другите океани и мориња, особено во нивните најплитки делови.
Научниците веруваат дека условите откриени во овие води заради се поголемите влијанија на климатските промени во наредните децении ќе се појават и во други делови од светот.
„Регионалните планови за намалување и прилагодување на климатските промени се застарени со оглед на тоа што се случува во средината“, изјави водачот на експедицијата Хозе Луис Ириарте за новинската агенција АФП.
„Околината се менува побрзо отколку што ние, како општество, реагираме на тоа“, додаде тој.
Истражете ги штетните „црвени плими“
Научната мисија посебно е посветена на истражувањето на „црвените плими“ – на штетното цветање на алгите од кои морето добива црвена боја.
Црвените плими првпат беа забележани во регионот Магаланес пред половина век и од тогаш предизвикаа 23 смртни случаи, а отруја повеќе од 200 луѓе.
Ова подрачје е зафатено и со топењето на глечерите кое е предизвикано од глобалното затоплување.
„Не знаеме како овие организми, а особено микроорганизмите, ќе реагираат на тоа“, рече Ириарте.
За време на експедицијата, научниците застанале на 14 места, при што секој пат земале примероци од водата на различни длабочини до 200 метри за што користеле инструмент наречен розета.
Друга опрема се користела за земање примероци од почвата, понекогаш и на длабочина од 300 метри.
Собран измет од китови
Научниците, исто така, ги прочешлале и бреговите во потрага по алги и мекотели.
Морскиот биолог Родриго Хаке, еден од 19-те научници во експедицијата, помина со часови набљудувајќи ја површината на водата од највисокиот дел на бродот.
Кога во далечината ќе забележел кит, ќе дадел сигнал и ќе скокнел во мал глисер за да се приближи што е можно повеќе до огромниот цицач во обид да го собере неговиот измет заради набљудување на промените во исхраната.
Хаке вели дека владите историски се незаинтересирани за океаните, кои покриваат 70 отсто од земјината површина.
Последниот бастион на биолошката разновидност
Тој се надева дека на следната конференција на Обединетите нации за климатски промени (ЦОП27), во Египет, ќе се преземат чекори кон вистинска глобална промена во управувањето со океаните.
„Во 2022 година ова треба да се промени, треба да се донесат конкретни одлуки кои ќе доведат до промени“, рече Хаке.
Тој е загрижен дека овој регион може еден ден да стане „еден од последните бастиони на биолошката разновидност на Земјата“.
По деветдневна мисија, научниците се вратија во лабораториите за да ги анализираат собраните информации.
„Мислам дека ние сме гласот на она што природата не може да го каже“, рече Вилсон Кастиљо, 24-годишен студент по биохемија и најмладиот член на експедицијата.







