Сите учесници на изборите да обезбедат фер и демократски избори со почитување на Уставот и законите, порача еден ден пред локалните избори Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Чичаковски.
Тој потенцира дека утрешните локални избори се услов за натамошен напредок на земјата.
„Ги повикувам општинските изборни комисии и изборните одбори, а особено политичките партии да ги почитуваат сите позитивни прописи и сите заеднички да обезбедиме одлични оценки од меѓународните и домашните набљудувачи за целокупниот изборен процес“, истакна Чичаковски.
ДИК, тврди Чичаковски, ги заврши сите активности за подготовка и организирање на Локалните избори 2017 согласно Изборниот законик.
За Избирачкиот список повтори дека тој претставува добра основа за спроведување кредибилни и фер избори.







