Шангај од утре ќе премине во нова фаза на контрола на епидемијата на Ковид 19, која подразбира постепено нормализирање на животот, а властите ќе дозволат трговските центри и продавниците повторно да се отворат и луѓето во областите со „низок ризик“ да се вратат на работа, изјавија градските власти.
Железничкиот сообраќај исто така ќе продолжи да се одвива нормално, а бројот на домашни летови до градот ќе се зголеми, објави денеска заменик-градоначалникот Зонг Минг на онлајн прес-конференција.
На јавните места и понатаму останува мерката со која се ограничува бројот на луѓе на 75 отсто од капацитетите, а за влез сите ќе треба да приложат негативен ПЦР тест, не постар од 72 часа.
Затворањето во Шангај од почетокот на април му нанесе сериозен економски удар на најнаселениот кинески град, покрена дебата за одржливоста на националната политика на нулта толеранција за Ковид 19 и го поттикна стравот од идни затворања и прекини.
(Фото: ЕПА)







