Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, заедно со заменик амбасадорката на Велика Британија во земјава, Џулија Смит, претставничката на УНИЦЕФ во државата, Патриција ди Џовани, и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, присуствуваа на презентација на „Програмата за социјална кохезија и културен дијалог“, во детската градинка „Кочо Рацин“ во Скопје.
Препознавајќи ја важноста на раното учење и развој, Министерството за труд и социјална политика започна реформа на секторот за ран детски развој со цел да се зголеми пристапот и подобри квалитетот на предучилишното образование во земјата.
Во соработка со УНИЦЕФ и Британската влада се овозможи поддршка за воспитувачите во предучилишните установи и социо-емоционалното учење.
„Социо-емоционалниот развој на почетокот на животот е од клучно значење за целокупниот понатамошен развој на личноста и има огромно влијание за квалитетот на живот на секоја индивидуа. Како ресорно министерство во континуитет работиме на зајакнување на компетенциите на воспитниот кадар во градинките и подигнување на квалитетот на предучилишното образование“, рече министерката Шахпаска.







