Македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, денеска на брифинг со новинарите најави дека наскоро ќе ја посети Украина.
„Планирам првата посета како претседавач на ОБСЕ да ми биде Украина, затоа што Украина, веројатно, ќе доминира за време на претседавањето. Искрено се надевам дека годинава ќе се сменат околностите, дека ОБСЕ ќе придонесе за воспоставувањето на мирот и прекинување на агресијата. Посетата е планирана за во средина на јануари, откако во Виена, на 12 јанаури, ќе ги презентирам приоритетите на претседавањето“, истакна Османи.
Тој потсети дека во моментов во Украина нема мисија на ОБСЕ затоа што Русија стави вето на мисијата, а дека ние, како земја-претседавач ќе треба да најдеме начин повторно да ја вратиме Организацијата таму.
Вели дека ќе треба активност со многу вештина и дипломатија за тоа сите различни ставови да ги претвориме во одлуки коишто ќе бидат важни за одржување на Организацијата.
„Нема дилема дали ОБСЕ треба да постои или не, и САД и Русија и Азербејџан и Ерменија сметаат дека Организацијата треба да ја има“, рече Османи.
Патем, ги објасни сложените меѓународни односи, нарушената безбедносна архитектура на Европа и, како што рече, активната воена агресија на една земја – членка врз друга земја – членка на Организацијата, како посебен предизвик за враќање на нејзината функционалност.
„Тоа не е лесно. Тоа е многу тешко. Или попрецизно – тоа е најтешката работа во политиката. Да најдете начин да убедите две страни на дијалог, на разговор, во обичниот живот е тешко, не пак во политиката. Тоа е уште потешко. Но, секогаш има едно ‘НО’ колку и да се страните заробени во своите политички ровови. Обичните луѓе сакаат мир и стабилност. А, токму тоа е нашата почетна позиција – луѓето. За луѓето се работи“, посочи министерот Османи.







