“Скопје никогаш повеќе да не се бори со природни катастрофи од вакви размери, како што беше земјотресот од 26 јули 1963 година. Да шири оптимизам и да настојува во нашата средина да завладее еден поинаква перцепција на нештата кои се нераскинлив дел од развојот на овој град. Од денешна перспектива, Скопје е потврда на кажаново и голем поттик и обврска на сите нас заедно да го чуваме и да го сакаме нашиот град“, рече скопскиот градоначалник Петре Шилегов во Галеријата на графити во Градскиот трговски центар на главниот настан во рамки на манифестацијата „Зборува Скопје“.
Први на помош на скопјани пристигнале граѓани од поранешните југословенски републики, а веднаш потоа почнала да пристигнува помош и спасувачки екипи од целиот свет.
„Во реализацијата на широката програма од акции, суштествени за изградбата на Скопје, својата помош и ја обзнанија сите оние домашни и меѓународни сили, хуманитарни организации, исклучителни личности, кои го почитуваа градот, сочувствуваа со катастрофата и сакаа да придонесат разрушеното Скопје, повторно да се роди. 87 нации испратиле најразлична помош и помогнале во изградбата на новото Скопје – „Градот на Солидарноста“. По земјотресот новото Скопје со својата култура, урбано-економска, географско-просторна, демографска и културолошка специфичност, станува модерен град, нагласи Шилегов.
Шилегов на крајот ги повика скопјани да бидат хумани и да донираат помош за настраданите во соседна Грција.







