Вчера околу 80.000 луѓе, што е официјален податок, додека организаторите тврдат дека бројот е повеќе пати поголем, се собраа во Барселона на собир за поддршка на шпанското единство, а против сепаратистичките барања во Каталонија кои доведоа до најголемата политичка криза во Шпанија после повеќе децении.
Организацијата „Каталонско цивилно општество“, под мотото „За соживот, за Каталонија, Доста!“ повика на овој собир. Собраните граѓани носеа знамиња на Шпанија и Каталонија, а на еден транспарент пишуваше „И ние сме Каталонци, сопрете го ова лудило!“.
Меѓу учесниците беа Микел Исета, лидерот на каталонските социјалисти, министерот на внатрешни работи Џозеп Борељ, инаку Каталонец, претседателот на „Народна партија“, Пабло Касадо и лидерот на „Граѓаните“, Алберт Ривера.
Во Барселона на протестот беше и ултрадесната партија „Вокс“, но без активно учество. Игнасио Гарига, претставникот на „Вокс“, рече дека нема да биде на чело на колоната, ниту дека ќе зборува на собирот.
Пабло Касадо им испрати порака на Каталонците со прошпанска ориентација „дека не се сами“, додека Мануел Валс, поранешниот премиер на Франција, по раѓање Каталонец, рече:
„Горди сме што излеговме на улица за да му кажеме на светот дека сме Каталонци, Шпанци и Европјани и дека се спротиставуваме на национал-популизмот.
Овој собир е организиран после повеќедневните протести на каталонските сепаратисти кои повремено беа и насилни. Тие протестираа против одлуката на Врховниот суд со затворски казни од девет до 13 години да осуди девет сепаратистички лидери заради обид за сецесија во 2017 година.
Истовремено, додека „уставобранителите“ на својот митинг го бранеа единството на Шпанија, „Комитетот за одбрана на Републиката“ повика на контрамитинг на плоштадот Сан Џаумо за да се одбележи втората годишнина на унилатералната (симболична) декларација на Карлес Пуџдемон за независност.
Повеќе улици и приодни патишта што водат кон Барселона беа блокирани од страна на сепаратистите. Исто така беше прекинат железничкиот сообраќај на дел од пругата меѓу Џирона и Фигерас.
Испитувањата на јавното мислење покажуваат дека Каталонците, околу 7,5 милиони, се поделени по прашањето за сецесија од Шпанија.
Демонстрациите во Барселона секојдневно се одржуваат од 14 октомври, кога Врховниот суд осуди девет политичари и активисти. После изрекувањето на пресудите на неговите колеги, пребеганиот поранешен каталонски лидер Карлос Пуџдемон им се предаде на белгиските власти, откако Шпанија издаде нов налог за негово апсење.
(Фото: АП)









