Тајван денеска ја претстави својата прва подморница од домашно производство, што е голем чекор во повеќегодишниот проект чија цел е зајакнување на одбраната на островот и одвраќање на кинеската морнарица.
Тајван, за кој Кина тврди дека е нејзина територија, направи програма за домашни подморници што е клучен дел од амбициозниот проект за модернизација на своите вооружени сили додека Пекинг спроведува речиси секојдневни воени вежби за да го потврди својот суверенитет.
Претседателката Цаи Инг-вен, која го започна проектот кога ја презеде функцијата во 2016 година, ја покажа првата од осумте нови подморници во јужниот град Каосиунг.
„Порано, подморница произведена кај нас се сметаше за невозможна задача. Но, денес, пред нашите очи е пловило дизајнирано и произведено од граѓаните на нашата земја“, рече Цаи, додавајќи дека тоа ќе игра важна улога во зајакнувањето на способностите на морнарицата за „асиметрично војување“.
„Дури и ако постојат ризици и без разлика колку предизвици има, Тајван мора да го преземе овој чекор и да дозволи националната одбранбена политика да расте и да цвета“, истакна тајванската претседателка.
Програмата се базираше на експертиза и технологија од неколку земји, што претставува пробив за дипломатски изолираниот Тајван.
„До 2027 година ќе испорачаме уште најмалку две вакви подморници, а подоцнежните модели ќе бидат опремени со проектили“, рече пред извесно време шефот на програмата.
(Фото: Сем Јех – АФП)







