Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денес два часа беше на распит во Специјалното јавно обвинителство.
Таа е под истрага на СЈО за случаите „Тврдина“, „Титаник“ и „Тенк“, но досега нема покренато обвинение против нејзе.
Откако во придружба на нејзиниот адвокат Никола Додовски излезе од Обвинителството, осомничената Јанкулоска не кажа за кој точно случај била повикана.
Наводно, не станувало збор за нова постапка и новинарите ги упати одговои да бараат во СЈО.
„Постапките се тајни, треба да ви каже оној кој ве повикал овдека“, рече Јанкулоска.
Осомничената Јанкуловска за случаите што се водат против неа ги обвини Зоран Заев, СДСМ и Специјалното обвинителство.
„Специјалното јавно обвинителство нема кредибилтет за било какви постапки поврзани со правото, меѓутоа го задржа приматот на еден од најистурените организациони делови на СДСМ, односно алатка во функција на СДСМ секогаш кога ним им е потребно да постигнат некоја цел, изјави поранешната министерка за внатрешни работи. На граѓаните на Република Македонија повеќе од јасно им е дека ова е политичка пресметка со неистомислениците на СДСМ, со неистомислениците на Зоран Заев кој неодмна беше и фактички повторно аболициран од СЈО. Без разлика колку пати ќе повикуваат претставници на ВМРО-ДПМНЕ исходот односно впечатокот во јавноста и крајниот исход од постапките во јавноста не може да се смени“, изјави по распитот осомничената Јанкулоска.







