Повеќе од 72 лица загинаа, а 40 се водат за исчезнати во невремето кое ги зафати западните и централните делови на Јапонија.
Спасувачите ја проширија потрагата по исчезнатите и по оние кои се заглавени поради поплавите и свлечиштата, а наредена е и евакуација на 5,9 милиони луѓе од 19 подрачја од централниот до југозападниот дел на Јапонија, додека 30.000 се наоѓаат по прифатни центри.
Јапонската метеоролошка агенција издаде предупредување за обилни врнежи во подрачјата Ехиме и Кочи, а на сила сеуште е предупредувањето во подрачјето Гифу.
Во подрачјето Окајама, кое е едно од најпогодените од невремето, околу 1.850 лица се заглавени на покривите на поплавените куќи, а во нивно спасување учествуваат спасувачи со чамци и хелихоптери.
На состанокот на Центарот за вонредни состојби, јапонскиот премиер Шинзо Абе побарал да се вложат сите можни напори во потрагата и спасувањето на луѓето.
Како што се наведува, во спасувачките акции учествуваат 54.000 полицајци, пожарникари, припадници на воените сили и крајбрежната стража, како и 40 хелихоптери.







