На денешната седница на дневен ред на Владата ќе се разгледуваат предлозите за заменици министри и именувања и разрешувања на владини функционери.
ДУИ и Алијансата за Албанците ги поднесоа предлозите за заменици министри во одделни министерства.
Веќе е договорено ДУИ во новата влада да ги добие заменичките позиции во МВР, oдбрана, oбразование и финансии (Агим Нухиу, Беким Максути, Висар Ганиу и Ширете Елези).
Од Алијанса за Албанците предложени се Арта Tочи предложена за заменик министерка за надворешни работи, Мехмет Ремзи за транспорт и врски и Елми Азири за труд и социјална политика.
Откако Владата ќе ги прифати овие предлози, следува верификација на мандатите во Собранието, што би требало да се случи утре.
Денеска на владина седница се очекува именувањето на новите директори на Бирото за јавна безбедност и на Управата за безбедност и контраразузнавање во МВР.
За Митко Чавков, досегашниот директор на БЈБ, предлог за разрешување поднесе поранешниот министер за внатрешни работи Агим Нухиу, но тој во меѓувреме поднел барање за пензионирање.
Во извештајот на работната група на МВР за настаните во Собранието на 27 април, Чавков беше посочен како одговорен за настаните, бидејќи не извршил безбедносна проценка и не издал навремена наредба иако имал дојава, со што го овозможил упадот во законодавниот дом.
Денеска треба да биде разрешен директорот на УБК, Владимир Атанасовски и на негово место да биде именуван нов.
Се очекува и именување на државни секретари по министерствата, владин портпарол, директори на јавни претпријатија…







