„Кина ќе продолжи да ја зајакнува стратешката комуникација и координација со Европската унија“, му порача кинескиот претседател, Кси Џинпинг, на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, на денешната средба во Пекинг.
На состанокот во Големата сала на народот во кинескиот главен град, Кси му рече на Мишел дека се надева оти институциите на Унијата и земјите-членки ќе воспостават објективна и правилна перцепција за Кина.
„Кина ќе остане отворена за европските компании и се надева дека ЕУ може да го елиминира мешањето за да обезбеди фер и транспарентно деловно опкружување за кинеските компании“, му рече Кси на Мишел.
Кси, притоа, не појасни што мислеше под „мешање“.
Кинескиот претседател нагласи дека Кина и Европската унија би требало да ја зајакнат координацијата на макроекономските политики, заеднички да создадат нови двигатели на растот и да ја гарантираат безбедноста, стабилноста и доверливоста на индустриските ланци на снабдување.
Мишел, кој престојува во еднодневна посета на Кина, ќе се сретне и со премиерот, Ли Кечијанг, и со Ли Жаншу, претседател на Постојаниот комитет на Националниот народен конгрес.
Неговата посета доаѓа во моментот кога европските лидери изразија стравувања на состанокот во октомври во врска со економското потпирање на Кина.







