Претседателот на Собранието,Талат Џафери, денес оствари работна средба со Карен Пирс, политички директор во Министерството за надворешни работи на Велика Британија.
Пирс му го честитала изборот за претседател на Собранието на Република Македонија и му посакала успех во извршувањето на функцијата.
Таа ја повторила заложбата на Обединетото Кралство дека досегашната меѓуинституционална билатерална соработка со Република Македонија ќе продолжи и во иднина.
Обединетото Кралство останува на поддршката за побрзо остварување на темелните определби на Република Македонија за членство во НАТО и Европската Унија“, Карен Пирс
Џафери се заблагодарил на поддршката и истакнал дека функцијата Претседател на Собранието ќе ја извршува во интерес на сите граѓани, без разлика на нивната етничка, политичка или друга припадност.
Тој го изразил своето уверување дека процесот на мирно предавање на власта ќе продолжи, и во таа насока очекува брзо формирање на новата влада, преку нејзин избор во Собранието.
Пирс и Џафери размениле и мислења за состојбите во регионот. Во оваа насока, Џафери уште еднаш ја истакна позитивната улога која Република Македонија и досега ја покажа во одржувањето на стабилноста на регионот и неговата евроатланска перспектива.
Првиот човек на македонското собрание уште еднаш потсетил дека проблемот со името наметнато од нашиот јужен сосед е голема препрека во интегративните процеси на земјава.
Но, исто така изразил подготвеност за конструктивен пристап во решавањето на ова прашање, кој ќе биде потврден од сите граѓани на оваа држава.







