Кои четири репрезентации од Групата Ц и Групата Д ќе одат понатаму, и од кои позиции, ќе биде познато денеска, после третото коло. Најинтересно, се чини, ќе биде на натпреварот помеѓу Аргентина и Нигерија (20.00), но и преостанатите три не се ништо помалку важни, и тие ќе имаат натпреварувачко значење: Исланд-Хрватска (20,00), Данска-Франција (16.00) и Австралија-Перу (16.00).
Ниту во најцрните соништа Аргентиците не се надеваа дека мечот со Нигерија ќе им биде одлучувачки за опстанок. На Лионел Меси и другарите им одговара само победа, но патем мора да им се „наместат картите“ и на натпреварот Исланд-Хрватска.
„Гаучосите“ и Исланѓаните се бодовно израмнети, со тоа што Јужноамериканците имаат за еден гол полоша гол-разлика. Проблем за Аргентинците е фактот дека и Нигерија има шанса. На Африканците им одговара нерешено, ако Исланд не триумфира убедливо против Хрватска.
„Коцкестите“ се мирни, како и да е, вака или онака, тие сигурно одат понатаму. И само чудо може да ги симне од првата позиција во нивната група. Затоа селекторот Златко Далиќ, според најавите, одлучил да игра со резервистите, а на теренот од првата минута од првотимците би требало да биде само Иван Перишиќ.
Во Групата Ц, и на Французите и на Данците им одговара нерешен резултат. Така „триколорите“ би останале први, а Скандинавците на втората позиција не би можеле да бидат загрозени од Австралија. На „кенгурите“, пак, им треба триумф над отпишаната репрезентација на Перу, но со пораз на Данска.







