– За само две и пол години успеавме да ја вратиме државата во нормала и да ја донесеме на прагот на членството во НАТО и на отворањето преговори со ЕУ, што е најбрза забележана обнова на државните институции во повоена Европа, нагласи шефот на државата Стево Пендаровски во денешното обраќање пред пратениците во Собранието.
– Во овој законодавен дом, во 2017-та бевме сведоци на трагични настани до кои нè доведе т.н. „заробена држава“. Од тогаш до денес, за само две и пол години успеавме да ја вратиме државата во нормала и да ја донесеме на прагот на членството во НАТО и на отворањето преговори со ЕУ, што е најбрза забележана обнова на државните институции во повоена Европа.
Клучните демократски индикатори – слободата на медиуми, економските слободи, отстранувањето на политичката контрола од правосудството и администрацијата, се придвижија во позитивна насока и тоа го покажуваат сите објективни анализи направени во меѓувреме и кај нас и во странство, рече Пендаровски.
Меѓутоа, како што посочи, генералната перцепција кај нашите граѓани е дека тој прогрес не е доволен затоа што нивните очекувања по десет години автократски режим, со право, беа поголеми.
– Широкото граѓанско движење на отпорот кое беше генераторот на демократските промени настапуваше под мотото „Нема правда, нема мир“, но, за жал, три и пол години по единствената, наша, демократска револуција во посткомунизмот, малкумина се убедени дека правдата пристигна. Во редица судски процеси не видовме завршница, некои од најголемите правни случаи застареа на очиглед на сите нас, а, креаторот на режимот избега и од правдата и од државата и притоа ниту една институција не кажа јавно како такво нешто, воопшто, беше возможно.
Врв на лошите состојби во правосудниот систем беше т.н. афера „Рекет“ во која меѓу обвинетите за тешки кривични дела се најде и првата личност на институцијата, која беше имено формирана со една единствена цел ‒ да ги гони криминалците, истакна претседателот.
Според него, еден факт не зборува добро за отпорноста на нашиот правосуден систем од надворешни влијанија.
– Безмалку три децении сме независна држава, а, ниту еден висок политичар или преку ноќ збогатен бизнисмен нема завршено зад решетки, а таму требаше да завршат многу повеќе од еден. Општа е перцепцијата кај граѓаните дека само сиромашните и луѓето на маргините, без релација со некоја власт, одговараат дури и за багателни кривични дела. Затоа и не треба да нè чуди што голем дел од младите луѓе ги воспитуваат т.н. реални шоуа, а нивните идоли не се чесните луѓе ‒ домаќини, со образ и личен интегритет, туку типови од криминалниот полусвет, додаде Пендаровски.
Без намера да навлегува во нечии политички програми и идеи, Пендаровски рече дека сака уште од сега јавно да ѝ порача на следната власт, веднаш по изборите да спроведе прочистување и кај судиите и кај обвинителите, но, прво, кај политичарите.
– И за секого за кого нема логично образложение како со државна плата станал милионер, треба веднаш да следи не оставка, туку кривична постапка, додаде Пендаровски.
На годишното обраќање на шефот на државата присуствуваа пратенции, членови на Владата, претставици на судската власт, на дипломатскиот кор, на верските заедници…
Пред мене, но, и пред сите нас, стои огромна работа, бидејќи поделбите меѓу граѓаните на кои некои работеа со години, се уште сè длабоки. Ако порано и денес, тоа одеше и оди по линија на етничката припадност, во последната деценија поделбите и меѓу Македонците драматично се продлабочија, рече претседателот Срево Пендаровски во своето прво годишно обраќање пред пратениците во Собранието.
Притоа, како што кажа, не зборува за политичките разлики кои легитимно постојат во секоја демократија, туку за непотребното трошење на енергијата и потенцијалот на општеството кои мораат да бидат обединети околу неколку стратешки важни работи на кои ќе инсистирам и за кои ќе предлагам модели за постигнување на поширок државен консензус.
-Граѓанското помирување за кое зборував на мојата инаугурација нема да се случи самото по себе, ако никој не понуди конкретни платформи за дијалог меѓу засегнатите страни. Вчера, на моја иницијатива, одржавме средба со лидерите на најголемите верски заедници на којашто ги замолив, секој во рамките на своите надлежности да дејствува во насока на продуктивна коегзистенција меѓу верниците и меѓусебно почитување во едно мултирелигиско и мултикултурно општество какво што е нашето, истакна Пендаровски.
Средбата на лидерите на парламентарните партии, како што посочи, која се одржа веднаш по неповолниот исход на последниот европски самит и која беше прва од таков вид без посредување од меѓународната заедница, покажа дека поседуваме доволен домашен потенцијал во битни историски моменти да се обединиме за битни прашања. Впрочем, додаде Пендаровски, наспроти сите политички разлики меѓу власта и опозицијата, кога беше најважно, со широк консензус беа донесени неколку круцијални двотретински закони во сферата на судството, антикорупциското законодавство и реформата на безбедносниот систем.
-До крајот на годината, за првпат во кабинетот на еден претседател, ќе организираме серија средби на навивачките групи во кои се активни млади со различна етничка припадност, и на кои средби, на моја покана, ќе бидат присутни и неколку учесници и сведоци од конфликтот во 2001- та, кои тогаш беа на различни страни. Мојата цел е на овие млади луѓе преку директни примери да им ја покажеме, од една страна, цената на насилството, а од друга, вредноста на дијалогот и дебатите и за најтешките прашања со кои сме соочени во нашата заедничка земја.Старите поделби по етничка и партиска линија не ги надминавме, а на дневна основа веќе ги гледаме новите поделби, дали во врска со лицата со попреченост, дали во однос на различната сексуална ориентација и родовиот идентитет на некои од нас. Драги пријатели, сè додека се делиме по различни основи и ги дискриминираме поинаквите од нас, не можеме да зборуваме за
напредок и да се дефинираме како прогресивно општество. Притоа, ниту една промена на подобро не се случила затоа што јавноста или средината биле подготвени за тоа, туку, затоа што некој активно работел за тие промени да се случат. Против предрасудите и стереотипите треба да се бориме сите, но, да не се лажеме, одговорноста да се биде во првите редови на таа борба лежи, пред сè, врз нас, избраните политичари, истакна претседателот на државата.
Законот за јазици сигурно нема потенцијал да ја дестабилизира земјата, меѓутоа, ако велиме дека законите ги носиме заради граѓаните, чесно е да ги направиме сите неопходни корекции за тие навистина да заживеат, истакна претседателот Стево Пендаровски во денешното годишно обраќање пред пратениците во законодавниот дом.
Рече дека многу коментираниот Закон за јазици, особено, по мислењето на Венецијанската комисија кое, за жал, според нашите стари, лоши навики го прочитавме исклучиво преку политичка и етничка диоптрија.
– Венецијанската комисија не вели дека Законот е спротивен на нашиот Устав, бидејќи за тоа воопшто не е надлежна. Исто така, комисијата не вели дека на Албанците им се дадени премногу права, напротив, нè истакнува како пример на држава која оди и подалеку од, инаку, високите европски стандарди во оваа област.
Меѓутоа, врвните европски правници со право забележуваат дека нашата држава, во овој момент, не поседува капацитет и ресурси да ги имплементира тие стандарди во судските и управните постапки. Со други зборови, какво фајде од Законот ако
неговите одредби останат само на хартија, истакна Пендаровски.
За да биде уште појасен околу својот личен став, Пендаровски потсети дека уште пред две години, тогаш како пратеник, во Комисијата за европски прашања, аргументирал дека ниту една држава не се распаднала затоа што на своите граѓани им дала премногу права во областа на јазикот.
-Законот за јазици сигурно нема потенцијал да ја дестабилизира земјата, меѓутоа, ако велиме дека законите ги носиме заради граѓаните, чесно е да ги направиме сите неопходни корекции за тие навистина да заживеат, додаде шефот на државата во обраќањето пред пратениците.
Преземени храбри чекори за затворање на споровите со Бугарија и Грција и отворен патот до НАТО и ЕУ Претседателот Стево Пендаровскиво во своето обраќање пред пратениците во законодавниот дом посочи дека новата демократска власт од почетокот на својот мандат, во јуни 2017 година, презеде храбри политички чекори, со цел, да ги затвори политичките спорови со историска димензија со Бугарија и со Грција.
– Тоа можеа да го направат само политичари со визија и тука мислам на најодговорните во сите три држави во тие моменти. За договорите е многу кажано и напишано, денес, само ќе се обидам да ги позиционирам тие два документа во историска перспектива. Компромисите беа тешки, но, без нив ќе беше уште потешко затоа што ќе имавме нејасна иднина на долг рок. Влезот во НАТО претставува историски успех за оваа генерација политичари, но и за сите оние што активно работеа за таа кауза од 1993 година, од првата Декларација усвоена со ниту еден глас против, токму во ова собрание. Според истиот модел на државно единство ќе мора да работиме заедно и во преговорите со ЕУ, затоа што ако во тој процес не ги собереме најумните глави, тогаш за нивната должина и евентуално лошите решенија на крајот не ќе можеме да ги обвинуваме само бирократите во Брисел, рече Пендаровски.
Претседателот Пендаровски истакна дека вредноста на двата договора е што направивме компромис за да ја отвориме вратата на евроатлантските интеграции како предуслов за нашиот напредок, но, притоа не го компромитиравме најбитно за нас – идентитетот кој сега има и меѓународна верификација.
По потпишувањето на договорите, како што нагласи Пендаровски, нивната целосна имплементација зависи од волјата на двете договорни страни во двата случаи.
– Ние, во врска со тоа имаме две обврски, прво, да ги почитуваме договорите, затоа што тоа е една од најважните меѓународни облигации на секоја сериозна држава, второ, да инсистираме на доследна имплементација на обврските и од другата страна, бидејќи договорите не содржат само обврски за нас, а само права за нив, истакна шефот на државата.
Точно е, додаде Пендаровски, дека во имплементацијата на Договорот за добрососедство со Република Бугарија во последниве месеци е видливо забавување во работата на заедничката комисија составена од историчари.
-Од моментот на неговото потпишување пред две и пол години, на ова политичко водство му беше јасно дека во годините пред нас ќе мора отворено и без комплекси да влеземе во разговори за т.н. бели петна или историските периоди и личности кои во комунизмот биле намерно заборавени или еднострано презентирани и објаснувани во јавноста и на двете држави. Во таа смисла, ние сме апсолутно подготвени да ги соочиме аргументите за одредени историски контроверзи поврзани со различните толкувања на еден ист настан или личност, исто така сме подготвени, за заеднички напори насочени кон деидеологизација на историјата, меѓутоа, правото да се идентификуваме како Македонци кои зборуваат македонски јазик било и ќе биде надвор од било каква дебата, бидејќи тоа се одамна завршени историски процеси, истакна шефот на државата.
Тој нагласи дека стратешкото отворање кон трети држави, сега кога сме de facto членка на НАТО, треба да се случи час поскоро. – Немаме ниту една причина да бидеме резервирани во односите со државите кои не се дел од евроатлантскиот простор, а дијалогот со нив треба да го базираме на легитимните економски интереси кои секоја држава ги има, додаде Пендаровски.
Според Пендаровски, нашето излегување од меѓународна изолација во последните три години, во исто време значеше излегување и од регионалната изолација во која влеговме по волја на претходната власт.
-За мали држави како нас, прв надворешно-политички приоритет мораат да бидат добрососедските односи. Бев во официјални посети на Албанија и Србија, а ќе ги посетам и останатите наши три соседи. Во контекст на актуелните регионални иницијативи сакам посебно да истакнам дека тие во ниту еден случај не треба да бидат разбрани како замена за европските интеграции, туку само како инструмент за наше побрзо интегрирање во Европа, рече Пендаровски.
Говорејќи за т.н. мини-Шенген, посочи дека за да биде ефикасен мора да ги опфати сите шест држави од западниот Балкан, а не само три. – Истиот став го имав и за една поодамнешна иницијатива, наречена балкански Бенелукс која пак имаше друга логика за поврзување меѓу државите од нашиот регион. Убеден сум дека во 21-от век на Балканот не му се потребни државните идеологии од 19-от и 20-от век за денес да зборуваме за обнова на некаква нова Југославија или формирање на
балкански алијанси кои ќе бидат насочени едни наспроти други. Ако навистина сакаме подобар живот тогаш мораме да се обединиме според моделот на Европа по Втората светска војна – минатото го паметиме, но, го оставаме во архивите, а разговараме за иднината, додаде шефот на државата.
Бидејќи на Балканот времето, за жал, како што кажа, тече побавно отколку на други места во светот, и во 2019-та, во некои центри на светската моќ се разговараше за нова корекција на границите на Балканот, дури и за размена на луѓе и територии.
-Мојот став од почетокот беше и останува дека нова промена на балканските граници сигурно ќе не врати назад во раните 1990-ти и ќе предизвика тензии, а најверојатно и нови конфликти. Со должна почит кон сите оние кои имаат поинакво мислење за разговорите меѓу Белград и Приштина, овој свој став го имам кажано и образложено на сите странски државници со кои се имам сретнато до сега, а се разбира тоа му го соопштив и на претседателот на Србија и на председателот и премиерот на Косово. Решението за меѓународниот статус на Косово треба да придонесе и да ја зацврсти регионалната стабилност и безбедност. Не можам да видам логика да решите еден проблем, а, истовремено да отворите неколку други во истиот регион. Меѓународната заедница, како контролор на целиот тој процес мора подобро да ги познава балканските историски специфики и да знае дека безбедноста на сите држави на Балканот е испреплетена, додаде Пендаровски.







