Се финализира петтиот пакет економски мерки за помош на стопанството и граѓаните за справување со последиците од пандемијата со Ковид -19. Останува уште владините
претставници да го презентираат пред синдикатите по што се очекува премиерот и економскиот тим на Владата во текот на наредните денови да го претстават пред јавноста.
Како што информира вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на вчерашната презентација во Владата на финалниот предлог на петтиот пакет мерки пред претставници на коморите, членки на Платформата за јавно-приватен дијалог и билатералните комори во земјата, петтиот пакет содржи 30 мерки кои може да се поделат во четири столба: финансиска поддршка за исплата на плати и задржување на
работните места, финансиска поддршка за ликвидноста на компаниите и граѓаните, мерки за поповолно деловно опкружување и директна помош за граѓаните.
Тој потенцираше дека во предлогот се вклучени сите релевантни сугестии од страна на бизнис секторот, синдикалните организации и другите чинители во општеството, а главна цел на мерките е да одговорат на предизвиците со кои се соочува стопанството, како и да се обезбеди едноставна примена на мерките.
„Се обидовме максимално да одговориме на барањата на стопанството и граѓаните и да ги креираме мерките да бидат лесно применливи. Директната финансиска помош за исплата на плати ќе продолжи со петтиот пакет на мерки, а за оваа цел се креирани два модалитета, при што самите компании ќе одлучат кој модалитет сакаат да го искористат. Со вториот модалитет кој предвидува бескаматни кредити, со кој се
таргетираат компаниите од најпогодените сектори, средствата освен за исплата на плати, ќе може да се користат и за други потреби на компаниите“, рече Битиќи.
Министерот за економија Крешник Бектеши во интервју за МИА посочи дека се при крај со подготовката и дизајнирањето на петтиот пакет економски мерки и наредните денови ќе бидат објавени и презентирани од страна на претседателот на Владата и економскиот тим.
„Сите мерки се дизајнирани во согласност и со дијалог со сите стопански комори, но и со работодавачите, работниците, вклучувајќи ги и синдикатите. Веќе се разговарани во детали и очекуваме наскоро да почнат и да се реализираат. За неколку од мерките кои се предвидени во петтиот пакет секако дека треба да има и законски решенија, имајќи предвид дека неколку од уредбите веќе се завршени, а дополнително на
тоа согласно начинот на кој се дизајнирани мерките ќе треба да донесеме и нови закони“, рече Бектеши.







