Новата бугарска Влада ќе ја задржи единствената позиција кон Северна Македонија, предвидува делот за надворешна политика од коалицискиот договор на партиите што го сочинуваат новото парламентарно и владино мнозинство.
Во додатокот на документот, како што објавија бугарски медиуми, се наведува дека односите ќе се надградуваат „во конструктивен дух“ и се опишуваат чекорите како тоа ќе се постигне.
Првиот чекор е да се активира работата на билатералните комисии предвидени со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка преку календар на месечни состаноци. Планирано е формирање деловни комисии (со учество на добавувачи и клиенти во секоја од двете земји). Уште еден чекор е засилена соработка во областа на транспортот, меѓу кои се директното воздушно поврзување Софија-Скопје, изградба на Коридорот 8, финансиската поддршка за железничкото поврзување.
Предвидено е интензивирање на соработката во областа на науката и културата (заеднички културен календар, заеднички научни конференции).
Други начини на кои ќе се работи за приближување со Скопје се: да се продолжи работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања; Бугарија очекува властите на Република Северна Македонија да обезбедат трајна заштита од дискриминација и еднакви права на македонските граѓани со бугарски идентитет како составен дел на европските вредности; размена на архиви од периодот 1944-1991 година со цел рехабилитација на жртвите на репресијата; активирање на јавната дипломатија како алатка; поддршка на интеграцијата на Pепублика Северна Македонија во ЕУ преку пренесување на бугарските искуства.
ИЗВОР: МИА







