Во Лондон, веројатно секој десетти жител е заразен со Ковид-19, се наведува во најновите официјални британски лекарски извештаи кои покажуваат немилосрдно ширење на „омикрон“ варијантата на корона вирус.
Дневните проценки кои ги направи Канцеларијата за национална статистика покажаа дека околу 9,5 проценти од лондончани од неделата имаат ковид-19.
Британија забележа рекорден број на нови случаи на корона вирус, додека варијантата „омикрон“ ја зафаќа целата земја, со дневен број од 119.789 заразени, во споредба со 106.122 еден ден пред тоа.
Извештајот, исто така, покажа рекордни бројки – 1 од 35 луѓе во Англија имале ковид-19 помеѓу 13 декември и 19 декември – во споредба со претходната проценка објавена во четвртокот, кога болеста ја имало едно лице од 45, во неделата до 16 декември.
Многу компании и транспортни мрежи се борат со недостиг на персонал бидејќи болните работници се самоизолираат, додека болниците во Британија предупредуваат на ризикот од влијание на сигурноста на пациентите.
Поради брзото ширење на „омикрон“, вкупниот број на заразени во Британија во текот на последните седум дена се зголеми за 678.165, покажаа владините бројки во четвртокот.
Додека конзервативната влада на премиерот Борис Џонсон се бори да го ограничи економското влијание на најновата епидемија на Ковид-19, таа во средата објави дека го намалува законнскиот период на самоизолација во Англија, од десет на седум дена.
(Фото: ЕПА)







