Вулканот на Канарскиот остров Ла Палма, од кој 85 дена течеа реки со вжештена лава, конечно стивна, па локалните жители добија „божиќен подарок“ кој долго ќе го паметат.
Комитетот за вонредни состојби извести дека ерупцијата што започна на 19 септември на тој шпански остров во Атлантскиот Океан, северозападно од брегот на Африка, официјално престана денеска.
Вулканот нагло стивна вечерта на 13 декември и оттогаш немало ерупции на лава, ниту значителни земјотреси, па експертите се убедени дека неговата активност дефинитивно е завршена.
„Ерупцијата заврши“, изјави Хулио Перез, портпарол на регионалната влада на Канарските Острови.
Шпанскиот премиер Педро Санчез, кој неколку пати го посети островот за време на кризата, рече дека тоа е „најубавиот подарок за Божиќ“.
„Целосно им се восхитувам на луѓето во Ла Палма“, напиша тој на Твитер.
„Ќе продолжиме да работиме заедно, сите институции, за обнова на прекрасниот остров, за да ја поправиме астаатата штета“, додаде тој.
Тоа ќе биде тешка работа, иако не се изгуби живот во напливот на лава, пепел и токсични облаци чад.
Уништени се повеќе од 2.900 домови и згради, а лава дебела еден метар покри речиси 1.200 хектари од островот. Штетата се проценува на над 900 милиони евра.
Во последните недели низ Шпанија се одржуваат различни спортски настани за да се соберат пари за настраданите, а исто така се продаваат и пригодни календари со импресивни фотографии од вулканската ерупција.
Околу 7.000 од 84.000 жители се евакуирани од своите домови. Перез рече дека првите повратници би можеле да се вратат во првата половина на јануари.
Поради насобраниот чад беа откажани 500 летови при повременото затворање на авиосообраќајот, но сега се очекува пораст на туризмот.
Ова беше најдолгата забележана ерупција на Ла Палма. Вулканската активност во 1585 година на тој остров траела 84 дена.
Но, најдолгата регистрирана активност на некој вулкан во Шпанија се случила од 1730 до 1736 година, исто така на Канарскиот остров Ланзароте. Таму ерупцијата траела 2055 дена, а денес поради обликуваната средина Ланзароте е една од најатрактивните туристички дестинации.
(Фото: ЕПА)







