Севернокорејската армија во понеделникот, во присуство на лидерот Ким Џонг Ун, успешно тестираше хиперсонична ракета, објавија државните медиуми.
Џонг Ун присуствуваше на тестирањето, за прв пат по повеќе од една година.
„Тестирањето имаше за цел да даде конечна потврда на техничките спецификации на развиениот хиперсоничен систем на вооружување“ пренесе државната агенција КЦНА.
Властите во Јужна Кореја забележаа дека е извршено „сомнително тестирање“, што го осудија Вашингтон и Токио, додека, пак, генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, изрази загриженост.
Ова е втор пат за помалку од една недела Северна Кореја да изврши ваков тест.
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун вети дека ќе ја зајакне војската со најсовремена технологија, во време кога преговорите со Јужна Кореја и САД се во застој.
Официјален Сеул претходно објави дека Северна Кореја повторно истрелала неидентификуван проектил кон Источното Море, неколку дена откако лансирала хиперсонична ракета.
Северна Кореја во средата, минатата недела, соопшти дека извршила втор тест на хиперсонична ракета.
(Фото: ЕПА)







