Руската влада планира да дозволи бродови што пренесуваат жито да го напуштат украинското пристаниште Одеса, според новинско известување, со што ќе ја ублажи блокадата што предизвика страв од недостиг на храна и глад.
Руското раководство се договорило со Киев и Анкара за планот за деблокирање на пратките со жито од Одеса, пишува провладиниот весник „Известија“, повикувајќи се на владини извори.
„Во територијалните води на соседната земја, турските воени сили ќе го преземат деминирањето, а исто така ќе ги надгледуваат бродовите до неутралните води“, се вели во извештајот. Пловила на руската воена морнарица потоа ќе ги придружуваат бродовите со жито до Босфорот.
Овој чекор доаѓа во време на раст на цените на храната, откако војната на Москва против Украина доведе до големи турбуленции на светските пазари. Украина е еден од најголемите светски извозници на жито, а колапсот на нејзините испораки после руската инвазија тешко ги погоди африканските земји.
Рускиот претседател Владимир Путин неодамна го прими претседателот на Африканската унија и на Сенегал, Меки Сал, за да разговараат за ова прашање. Путин негираше дека Русија е одговорна за високите цени, но рече дека е подготвен да ја олесни испораката на жито.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во среда треба да пристигне во Анкара за да разговара за ова прашање. По разговорите треба и официјално да биде одобрен планот за деблокирање на житото во Одеса, пишува весникот.







