„Силниот раст на трошоците за електрична енергија ја доведе економијата на Словачка во опасност од ‘колапс’“, изјави премиерот Едуард Хегер во интервју за Фајненшл Тајмс, велејќи дека ако Словачка не добие помош, ќе ја задржи електричната енергија за домашните фирми и за граѓаните.
„Скокот на цените на енергиите по руската инвазија на Украина ќе ја ‘убие’ економијата доколку Словачка не добие милијарди евра помош од Брисел“, истакна премиерот во интервјуто за ФТ.
Словачка произведува многу електрична енергија, најмногу во нуклеарните и хидроцентралите, но нејзиниот најголем производител на почетокот на годината им го продаде вишокот на трговците, кои сега истата таа струја и ја препродаваат на Словачка по пазарна цена, и до пет пати повисока од таа по која ја купуваат, пишува ФТ.
„Словаците купуваат за 500 евра тоа што го продадоа за 100 евра“, изјави Хегер за ФТ, додавајќи дека затоа планот на Европската комисија за оданочување на дополнителниот профит на производителите на електрична енергија нема да функционира во Словачка.
„Ако сакаме данок на екстрапрофит, мораме да го воведеме на европско ниво“, рече словачкиот премиер.
Приходите од европскиот данок треба да бидат рамномерно распределени меѓу сите членки на ЕУ, што на Словачка ќе и донесе околу 1,5 милијарди евра, проценува тој.
Хегер смета и дека Брисел треба да ослободи пет милијарди евра неискористени средства од фондовите за регионален развој за да ги намали сметките за енергија во компаниите.
„Во спротивно, словачките компании ќе се затворат и целата економија всушност може да пропадне“, рече Хегер.
Ако Брисел не помогне, „тогаш ќе мора да ја задржиме струјата за нашите компании и домаќинства за да не банкротираат. Ние тоа не го сакаме, но ако нема друг излез, ќе го сториме тоа“, рече словачкиот премиер.
Го повика Брисел да го прошири данокот на дополнителна добивка и на посредниците, односно трговците со енергија, кои заработуваат и од високите цени.
„Мораме да ги вклучиме трговците затоа што мораме да сфатиме дека трговците се сопственици на договорот (за снабдување со енергија)“, нагласи тој.







