Две лица се повредени во земјотресот со јачина од 4,9 степени по Рихтер што ја погоди денеска западната турска провинција Измир и предизвика паника меѓу населението, соопштија властите.
Градоначалникот на Измир соопшти дека нема извештаи за поголема материјална штета освен урнатото минаре на една џамија.
Турската служба за управување со вонредни ситуации (АФАД) соопшти дека потресот, со епицентар во областа Буча во Измир, се случил утринава во 3 часот и 29 минути по локално време и бил проследен со неколку последователни помали потреси, како и дека бил почувствуван во околните области.
Најмалку две лица се повредени откако скокнале од височина додека во паника се обидувале да ги напуштат своите домови, објави министерот за внатрешни работи, Сулејман Шојлу на Твитер.
Земјотресот се случи неколку дена откако Измир ја одбележа годишнината од земјотресот со јачина од 6,6 степени по Рихтеровата скала, во кој на 30 октомври 2020 година загинаа 117 лица.







