Илон Маск денеска ќе започне со масовни отпуштања на Твитер, објави компанијата во имејл испратен вчера до вработените во социјалната мрежа.
„Во настојувањата да поставиме здрав пат за Твитер, во петок ќе поминеме низ тежок процес на намалување на нашата глобална работна сила“, се вели во мејлот, објави Ројтерс.
И „Њујорк тајмс“ и „Вашингтон пост“, исто така, известуваат за отпуштањата и ја цитираат интерната е-пошта.
Веста за отказите во Твитер доаѓа по првичните информации дека Маск ќе отпушти дури 50 отсто од работната сила на социјалната мрежа, само неколку дена откако стана газда на компанијата што ја купи за 44 милијарди долари.
Тоа би можело да значи губење на илјадници работни места, бидејќи компанијата на крајот на 2021 година имаше повеќе од 7.000 вработени.
Твитер во мејлот до вработените соопшти дека неговите канцеларии ќе бидат привремено затворени и сите пристапи ќе бидат суспендирани „за да се помогне да се осигура безбедноста на секој вработен, како и на системот на Твитер и податоците на корисниците“.
Маск веќе подели откази на некои од директорите во фирмата, веднаш откако ја презеде контролата врз истата, вклучително и на извршниот директор Параг Агравал, на шефот на финансии, Нед Сегал, и на раководителката за правни и политички прашања, Виџеј Гада.







