„Волстрит журнал“ објави, повикувајќи се на извори запознаени со ситуацијата, дека Соединетите Американски Држави нема да испратат напредни борбени беспилотни летала од типот „Греј Игл MКу-1ц“ (Gray Eagle MQ-1c) во Украина.
Во администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, се наведува во текстот на престижниот весник, стравуваат дека употребата на овие дронови може дополнително да го разгори конфликтот затоа што ќе и овозможи на Украина да нападне длабоко на руска територија.
Во американската одлука на Украина да не и се испраќаат вакви дронови има уште еден, се чини исклучително важен, фактор, што многу придонел во донесувањето на конечното решение, иако „Волстрит журнал“ пишува дека тоа не било одлучувачко.
Имено, Америка стравува дека технологијата што се користи во беспилотните летала „Греј Игл MКу-1ц“ може да падне во руски раце на бојното поле.
И Киев и некои американски конгресмени лобираа за испраќање на вакви дронови во Украина, но очигледно, барем засега тоа нема да се случи.







