После повеќе од половина век производство, последниот авион „Боинг“ од типот „747“, прочуениот кит, ја напушти фабриката во државата Вашингтон.
Кога првпат беше произведен во 1969 година, тој беше најголемиот комерцијален авион во светот и првиот со две патеки меѓу седиштата. И понатаму е поголем од повеќето други авиони.
Дизајнот на авионот е таков што вклучува второ ниво, кое се протега од пилотската кабина преку предната третина од авионот. Заради тоа леталото има грпка, која авионот веднаш го направи препознатлив и го инспирирала прекарот – кит.
Повеќе од 50.000 вработени во „Боинг“ работеле 16 месеци за да го произведат првиот „747“. Компанијата од тогаш направи уште 1.573 авиони.
Меѓутоа, во текот на изминатите две децении, „Боинг“ и неговиот европски ривал „Ербас“ постепено се свртуваа кон поефикасни и попрофитабилни авиони – авиони со широк труп со два мотори, наместо четирите колку што ги има на моделот „747“.
„Делта“ беше последната американска авиокомпанија која што го користеше „747“ за комерцијални патнички летови, што заврши во 2017 година.
Некои меѓународни превозници сепак продолжуваат да го користат „Боинг 747“, а меѓу нив е германската авиокомпанија „Луфтханса“.
„Боинг“ во мај објави дека ќе го пресели своето седиште од Чикаго во Арлингтон, во Вирџинија. Преселбата во Вашингтон, односно во областа Колумбија, им дава можност на раководителите на компанијата да бидат поблиску до клучните функционери на американската влада и Федералната управа за авијација (ФАА), која издава сертификати за патнички и товарни авиони.
Односот на „Боинг“ со ФАА беше затегнат после несреќите со многу загинати во 2018 и 2019 година, на „боинговиот“ најпродаван модел на авиони, „737 Макс“.
На Управата и требаа речиси две години за да одобри промени во дизајнот и да дозволи тој модел на авион да се врати во сообраќај.







