Жестоки судири се случија вчера вечерта во повеќе европски градови меѓу француски и марокански навивачи, после поразот на Мароко од Франција со 2:0, во полуфиналниот натпревар на Светското првенство во Катар.
Во Монпеље, во пресметката меѓу приврзаниците на двете селекции, загина дваесет и петгодишно момче.
Градските власти соопштија дека автомобил вчера „насилно“ налетал на момчето. Возилото набрзо е пронајдено недалеку од местото на несреќата, а полицијата го истражува случајот.
Видеото кое се шири на социјалните мрежи покажува како автомобилот избезумено возел низ улици кои биле полни со луѓе. Навивачки судири имало и во Париз, каде полицијата морала да ја растера толпата.

Во Брисел вчера вечерта се приведени околу стотина навивачи поради непристојно однесување, објави новинската агенција Белга, повикувајќи се на извори од полицијата.
Навивачите се приведени поради нарушување на мирот, оштетување на две полициски возила и поседување забранети огномети, објави агенцијата рано утринава.

Делови од патиштата во центарот на градот беа блокирани во пресрет на натпреварот, се вели во извештајот.
Сликите од средата вечерта покажаа купишта запалено ѓубре, како и голем број полицајци со опрема за разбивање нереди на улиците на Брисел.
На фотографиите објавени од Белга се гледаат и жители кои почнале да ги чистат улиците во вчера навечер.

Мароко стана првата селекција од Африка која стигна до најдобрите четири екипи на Светското првенство, откако ги исфрли Шпанија во осминафиналето и Португалија во четвртфиналето.
Ја победија и Белгија во групната фаза. Неколку лица, исто така, се уапсени во текот на судирите во Антверпен, северно од главниот град, објави Белга.






