Патници со заштитни маски денеска ги преполнија возовите на подземната железница во Пекинг и Шангај, а двата најголеми града во Кина се се поблиску до живот со Ковид-19, додека милиони луѓе ширум земјата се заразени со коронавирус, чие ширење е главно неконтролирано.
После три години немилосрдни ограничувања во борбата против коронавирусот, претседателот Си Џинпинг овој месец стави крај на државната политика на нулта толеранција за ковид-19, затварања и неброени тестирања, соочен со протести и ширење на епидемијата.
Здравствените експерти и жителите се загрижени дека статистиката на Кина, која не покажува нови смртни случаи од Ковид во шесте дена до недела, не го одразува реалниот број на смртни случаи и дека кревкиот здравствен систем во земјата е преоптеретен.
По првичниот шок од промената на политиката и неколку недели во кои жителите на Пекинг и Шангај останаа дома, соочувајќи се со болеста или обидувајќи се да ја избегнат, има знаци дека животот е на пат да се врати блиску до нормалата.
Возовите на метрото во Пекинг и Шангај се преполни, додека некои главни прометни артерии во овие два града денеска беа заглавени со бавни автомобили од луѓето кои патуваат на работа.
„Подготвен сум да живеам со пандемијата“, рече 25-годишниот жител на Шангај, Лин Зиксин, додавајќи дека „затворањето не е долгорочно решение“.
Оваа година, во обид да се спречи ширењето на инфекцијата низ земјата, 25 милиони луѓе во кинеското трговско средиште издржаа два месеци горка изолација под строги карантини кои траеја до 1 јуни.
Враќање во нормала
Живите улици на Шангај се во остар контраст со атмосферата во април и мај, кога ретко кој можеше да се види надвор.
Годишниот Божиќен пазар што се одржува во Бунд, трговскиот кварт во Шангај, беше популарен кај жителите на градот во текот на викендот.
Многумина се собраа вчера, за време на божиќната сезона во шангајскиот Дизниленд и во пекингшкиот забавен парк, чекајќи во ред за возење во облека со божиќни мотиви.
Бројот на патувања до живописните места во јужниот град Гуангжу, овој викенд се зголеми за 132 отсто во споредба со минатиот викенд, објавија локалните весници.
„Сега претежно сите се вратија на својата нормална рутина“, рече 29-годишниот жител на Пекинг по презиме Хан, додавајќи дека „напнатата атмосфера поминала“.
Кина е последната голема земја која почна да го третира ковидот како ендемски.
Нејзините мерки за сузбивање ја забавија економијата на нејзината најниска стапка на раст во речиси половина век, нарушувајќи ги глобалните ланци на снабдување и трговија.
Се очекува дека втората по големина економија во светот краткорочно уште повеќе да страда, бидејќи бранот со Ковид-19 се шири кон производствените области и работната сила се разболува, пред да закрепне следната година, велат аналитичарите.
(Фото: ЕПА)







