Првиот грен слем турнир во сезоната „Австралија опен“, кој започнува на 16 јануари, подготви за тенисерите рекорден висок награден фонд, во износ од 76,5 милиони австралиски долари (48,5 милиони евра).
Организаторите на првиот од четирите Грен слем турнири во сезоната, кој се одржува во Мелбурн, обезбедија зголемување на наградниот фонд за 3,4 отсто во споредба со овогодинешното издание, со големи зголемувања во првото коло од турнирот.
Победниците во машка и женска конкуренција на првиот Грен слем турнир во 2023 година дома ќе однесат по 2,975 милиони австралиски долари, што е 1,886 милиони евра.
Секој кој ќе биде елиминиран во првиот круг ќе добие 106.250 австралиски долари (67.384 евра), што претставува зголемување од 3,2 отсто, додека играчите кои ќе влезат во вториот круг ќе добијат по 158.850 австралиски долари (100.739 евра).
Директорот на турнирот, Крег Тајли, рече дека вкупниот награден фонд за австралиското „тениско лето“, вклучувајќи ги и подготвителните турнири како што е „Јунајтед куп“, за прв пат ќе надмине 100 милиони австралиски долари (63,4 милиони евра).
„На ‘Австралија опен’ го зголемивме наградниот фонд за секое коло, од квалификациите до финалето, со големи зголемувања во првиот круг“, рече директорот на турнирот.
Со зголемување на наградниот фонд, истакна, сакале да им помогнат на играчите да вложат во сопствените кариери додека се подготвуваат за успех во текот на целата година.







