Бразилската полиција растури протестен камп пред седиштето на вооружените сили во Бразилија и уапси 1.500 луѓе, еден ден откако радикалните поддржувачи на поранешниот десничарски претседател Жаир Болсонаро ги нападнаа државните институции.
Илјадници демонстранти во неделата упаднаа во Конгресот, Врховниот суд и претседателската палата, одбивајќи да го признаат изборниот пораз на Болсонаро од левичарот Луис Инасио Лула да Силва, кој пред една недела положи заклетва како претседател на Бразил.
Болсонаро, кој моментално престојува во американската сојузна држава Флорида, никогаш јавно не се огласи и не го призна поразот на изборите.
По насилството во неделата, Врховниот суд нареди камповите на демонстрантите, вклучително и тој пред воениот штаб, да бидат расчистени во рок од 24 часа, што предизвика голема полициска операција, објави порталот Г1.
Во неделата беа уапсени 230 осомничени бунтовници кои, за време на насилствата во Бразилија, ги пробија барикадите, се качија на покривот и кршеа прозорци и ја ограбија зградата на Конгресот.
(Фото: АФП)







