Најмалку 43 лица загинаа при судир на два воза во Грција, а премиерот Ципрас изјави дека се чини оти за катастрофата е главно виновна „трагичната човечка грешка“.
Потрагата по преживеани продолжува откако патничкиот воз се судри со товарен воз кој превезувал контејнери и се движел во спротивна насока, но по истата пруга, со брзини за кои се верува дека биле и до 160 килоемтри на час.
Вагоните излетаа од шините, а потоа се запалија во најсмртоносната железничка несреќа во Грција.
Некои патници удирале со нозе по прозорците за да избегаат од огнениот пекол, додека други биле отфрлени 40 метри од силината на ударот, пишува Скај њус.
Се верува дека многу од жртвите се студенти кои се враќале дома после викендот.
Близу 57 лица се уште се во болница, од кои шест се на интензивна нега, додека други 15 се пуштени дома, соопшти државната противпожарна служба, пренесе ЕРТ њус.
И додека трае потрагата по преживеани, во целата земја е прогласена тридневна национална жалост.
Но, во Грција расте незадоволството кај граѓаните, па во вторникот вечерта избија нереди.
Демонстрантите се судрија со полицијата пред седиштето на „Хеленик Трејн“ во Атина, компанијата одговорна за одржување на грчките железници. Протести се одржаа и во Солун и Лариса, во близина на местото каде што во вторникот вечерта се случи катастрофата.
Нов бран на незадоволство може да се очекува и по објавувањето на аудио снимката на шефот на железничката станица и машиновозачот, непосредно пред судирот на двата воза.
Најблаго кажано, јавноста остана шокирана откако ова видео протече во јавноста.
Возачот: Слушате ли, Лариса?
Шефот на станицата: Слушам. Кај бројот 47 поминувате на црвениот излезен семафор до новиот влезен семафор на Порос.
Возачот: Василиј, да поминам ли?
Шефот на станицата: Оди, оди.
Возачот: Поминав.
Шефот на станицата: Среќно.
Вработен во железничката станица: Васили, да се вратам?
Шефот на станицата: Не, не, вака… затоа што доаѓа 1564.
Вработен во железничката станица: Готово, во ред, ќе го оставам дијагонално како што е.







