Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во СТУДИО 10 на ТВ 24, откри детали од истрагата за серијата лажни дојави за бомби пред се во училиштата. Тој посочи две држави како извор од каде доаќаат заканите.
„За последните неколку дојави можам да констатирам дека мејловите се пратени и водат до ИП адреси од Иран, Русија, како и ВПН адреси чии провајдери се, исто така, од овие држави. Интересно е што уплатите за ВПН услугите се извршени со крипто валути, што уште повеќе ја отежнува таа откривачка дејност. Интензивно се работи на откривање на сторителите“, истакна министерот Спасовски, додавајќи дека сега најважно е да се процени ризикот од дојавите.
Ова е, рече, еден интензивен хибриден напад што ни се случува низ целата територија на земјата, при што, како што објасни, биле зафатени околу 120 објекти, не само училишта.
„Безбедносните служби активно работеа, безбедноста не беше загрозена но мораше да се постапува според упатствата. Направивме оперативен тим од различни институции кои учествуваат со свои експерти и бараме соодветни решенија за да најдеме поинаков пристап кон електронските закани. Јас како министер донесов ново успатство за постапување и од петокот училиштата функционираат според тоа упатство“, посочи министерот.
Патем, објасни дека не станува збор за закани кои се случуваат само во нашата земја, туку со истото се соочувале и земјите од регионот.
„Неколку случаи кај нас се разрешени или се во ‘завршна фаза’ од истрагата. Имаме една изолирана група и се работи на целосна реализација. Дојавите од Македонија главно се од малолетници. Во интерес на истрагата сега не може да се споделуваат многу информации со јавноста“, рече првиот човек на македонската полиција, посочувајќи дека новото упатство прави проценка на ризик, па отсега ќе се преземаат мерки но без да се нарушува образовниот процес во училиштата.







