Претседателот на Владата на Македонија, Димитар Ковачевски, за време на работната посета на Вашингтон оствари средба со демократскиот сенатор, Крис Марфи.
Беа разменети мислења за севкупната соработка меѓу двете држави, за европските аспирации на Македонија и за состојбите во поширокиот регион, и како истите влијаат на иднината на Западен Балкан.
Премиерот изрази благодарност за доследната политичка поддршка од страна на сенаторот Марфи за процесот на евроинтеграции на Македонија. На средбата тој потенцираше дека нашата држава има цврста определба за зајакнување и унапредување на добрососедските односи и преку дијалог и соработка меѓу државите се етаблираше како држава фактор на стабилност во регионот.
Демократскиот сенатор Марфи истакна дека Македонија е ценет партнер и НАТО сојузник. Воедно, искажа поддршка за ЕУ интеграцијата, затоа што колку повеќе Македонија напредува, толку подобар ќе биде регионот.
Дополнително, подвлече дека нашата држава е препознаена како фактор на стабилност.
На средбата беше посочено дека САД отсекогаш придавале особено значење и поддршка на трансформацијата на земјите од Западен Балкан како и за нивно членство во ЕУ, што, според Ковачевски, е голем стимул земјите да не отстапуваат од стремежите за остварување на стратешките цели.







