Фудбалерите на Евертон се спасија во последното 38-мо коло од испаѓање од англиската Премиер лига, но Лестер и Лидс останаа без таа цел.
Претходно се знаеше дека на патот кон Чемпионшип, тамошната втора лига, тргна Саутемптон, а оваа недела станаа познати и другите двајца патници во понискиот ранг.
Во Премиер лигата следната сезона ќе играат Барнли, Шефилд Јунајтед и Лутон.
Евертон го задржа прволигашкиот статус со многу тешка победа на домашен терен против Бурнмаут со 1-0.
Гол вреден за останување во Премиер лигата постигна Дукур во 57. минута, кога одлично со волеј од 20 метри погоди за делириум на стадионот „Гудисон“.
Во останатиот дел од натпреварот Евертон исклучиво се бранеше, и успеа во тоа, иако во одредени моменти Борнмаут опасно се закани.
Лестер пред своите гледачи го победи Вест Хем со 2-1, но таа победа не му значеше ништо поради успехот на Евертон.Поведе Лестер со 2-0, со головите на Барнс во 34-та минута и на Фаес во 62-та минута, после што само слушаше што се случува на натпреварот во Ливерпул, каде беше постигнат резултат кој не му одеше во прилог.
Лидс, исто така, се бореше да го задржи прволигашкиот статус, но не успеа да го заврши својот дел од работата, иако зависеше и од други резултати. Тотенхем го совлада Лидс на гости со 4-1, со двата гола на Хари Кејн и по еден на Педро Поро и Лукас Моура.
Сите прашања за врвот на табелата беа однапред решени.
Манчестер Сити ја одбрани шампионската титула, додека во Лигата на шампионите, следната сезона, освен него место обезбедија и Арсенал, Манчестер Јунајтед и Њукасл. Шампионот Манчестер Сити беше поразен на гостувањето кај Брентфорд со 0-1, што беше петти првенствен пораз сезонава за тимот на Гвардиола. Стрелец на единствениот гол беше Пинок во 85. минута.
(Фото: СН / „Гети имиџис“)







