Пекинг денеска го зголеми предупредувањето за топлото време на „црвено“, највисоко во системот за тревога, а во многу делови од кинеската престолнина луѓето се „варат“ на 40, па и повеќе, степени Целзиусови.
Официјалната температура за главниот град, која се мери од опсерваторија во јужното предградие, достигна 40 степени нешто после 13,30 часот по локално време, се наведува во извештајот на Градскиот метеоролошки центар.
„Ова е првпат од основањето на опсерваторијата, два последователни дена температурата да биде повисока од 40 степени“, рече на прес-конференција Џанг Јингсин, главен синоптичар на институцијата.
Опсерваторијата е основана во 1951 година.
Во четвртокот максималната температура во градот со речиси 22 милиони жители достигна 41 степен Целзиусов, со што беше поставен рекорд за најтопол ден во јуни.
Метеоролошката станица во јужните предградија на Пекинг, главната за престолнината, забележа 41,1 во попладневните часови.
Претходниот максимум во јуни е забележан на 10 јуни 1961 година, кога живата во термометарот достигнала 40,6.
Дневниот максимум во четвртокот беше втор највисок во историјата на градот, нешто под 41,9 забележани во Пекинг на 24 јули 1999 година.
Кина има четиристепен систем за предупредување за времето, со црвена, портокалова, жолта и сина боја.
Црвеното предупредување е од „највисоко ниво“ и е „најстрого, и покажува дека температурата ќе се искачи над 40 степени во рок од 24 часа.
Кинеската метеоролошка управа вчера соопшти дека очекува високите температури да се задржат во северниот дел на земјата во следните осум до 10 дена.







