Кралството Норвешка денеска отвори Конзулат во Македонија. Просториите на конзулатот се во „Алкалоид АД“ Скопје, чиј генерален директор, Живко Мукаетов, ќе ја врши функцијата – почесен конзул.
На официјално отворање на конзулатот во присуство на министри во Владата, и претставници на на дипломатскиот кор и на бизнис заедницата во земјава, се обрати државниот секретар во норвешкото Министерство за надворешни работи, Ајвинд Вад Петерсон.
Петерсон во својот говор го потенцира јубилејот, 30 години од воспоставувањето на билатералните односи меѓу двете земји, кои, рече, „станаа соседи по азбучен ред во именувањето во меѓународните организации“, откако Македонија го промени името.
Тридецениското партнерство меѓу двете земји, нагласи тој, било исполнето со разновидна соработка, и ги поздарви напорите на земјата како претседавач на ОБСЕ, сојузништвото во НАТО Алијансата.
Патем, ја истакна норвешката поддршка за членство на Македонија во Европската унија, подвлекувајќи дека неговата земја е најголем билатерален донатор на Инвестициската рамка за Западен Балкан преку која, од 2019 година, поддржани се 29 проекти во државава во вредност од 2,6 милиони евра, кои придонесоа за отворање нови работни места, но и за унапредување на услугите во области како образование, здравство.
„Можам да кажам многу примери, кои веќе покажуваат дека Норвешка и Северна Македонија имаат долга историја на соработка темелена на заемно почитување и на споделени вредности. Преку дијалог и разбирање ќе продолжиме да ги негуваме односите на доверба. Норвешка е силен сојузник и партнер на Северна Македонија поддржувајќи го вашиот пат, патот на вашата нација кон евроинтеграциите и ќе продолжи да негува одржлив развој во различни области. Заедно се бориме за мир, стабилност и просперитет, не само на блиските граници туку и глобално. Силата лежи во единството а прогресот се постигнува преку заеднички напори, порача Петерсон посакувајќи му успех во работата на почесниот конзул Мукаетов како влог во натамошниот развој на односите меѓу двете земји.
Новата функција на Мукаетов му ја честита и државниот секретар во македонското Министерство за надворешни работи, Иван Тосевски, кој во своето обраќање пред присутните напомена дека отворањето на почесниот конзулат претставува своевидна круна на годинашното одбележување три децении од билатералните односи меѓу Скопје и Осло.
„Вредната и голема финансиска норвешка поддршка за Северна Македонија е од големо значење за нашите реформски процеси. Поддршката која Норвешка ја дава за земјава и во однос на нашето претседавање со ОБСЕ во овие значајни геополитички времиња е исто така од големо значење, рече Тосевски изразувајќи благодарност и уверување дека новотоворениот конзулат ќе придонесе и за унапредување на билатералната економска и културна соработка.
Мукаетов порача дека е чест да биде почесен конзул на Норвешка и дека целосно ќе биде посветен на унапредување на соработката меѓу двете земји.
„Јас и мојот тим ќе направиме се за промоција на Кралството Норвешка и на билатералните односи меѓу двете земји кои се сојузници во НАТО, за унапредување на соработката“, рече почесниот конзул.
Мукаетов покрај конзул на Кралството Норвешка во Скопје, веќе 16 години ја извршува и функцијата Генерален конзул на Кралството Данска.
(Извор/Фото: МИА)







