И покрај тоа што подморницата на компанијата „Оушн Гејт“ (OceanGate) неодамна имплодираше при нуркање кон потонатиот брод „Титаник“, при што животот го загубија сите пет патници во подморницата, се чини дека организаторите на „патувањето“ не сакаат да се откажат од овие експедиции.Или барем тоа не го соопштија јавно.
Имено, на официјалната веб-страница на „Оушн Гејт“ сè уште може да се видат понуди за патувања до „Титаник“, но и други „експедиции“.
И не само тоа – во понудата се нагласува дека овогодинешната експедиција е сè уште „во тек“, додека за 2024 година се нудат два термини за пат до потонатиот брод.
„Ова ќе биде возбудливо и единствено искуство“, се наведува на во текстот на службениот сајт, заедно со веќе претходно објавената цена од 250.000 долари по лице за оваа експедиција.
Да потсетиме, пред точно десет дена претставник на американската крајбрежна стража потврди дека сите пет лица во исчезнатата подморница „Титан“ загинале во „катастрофална имплозија“.
„Овие луѓе беа вистински истражувачи кои споделуваа посебен авантуристички дух и длабока страст за откривање нешто ново и за заштита на светските океани“, се вели во соопштението на компанијата „Оушн Гејт“.
„Нашите срца се со овие пет души и со секој член на нивните семејства во ова трагично време“, напишаа тогаш од компанијата.
„Подводен робот испратен од канадски брод ги откри остатоците од подморница на околу 488 метри од „Титаник“, на длабочина од близу 4 километри“, изјави контраадмиралот на американската крајбрежна стража, Џон Маугер, на средбата со новинарите.
Спасувачките тимови од неколку земји поминаа денови пребарувајќи илјадници квадратни милји на отворено море со авиони и бродови за каква било трага од 6,7 метри долгата подморница, со која стопанисуваше „Оушн Гејт“ со седиште во Америка.
Откривањето на подводни звуци со помош на сонарни системи спуштени од канадски авиони привремено пружи надеж дека луѓето во подморницата се живи и дека се обидуваат да комуницираат со удирање по трупот.
Но, официјални лица предупредија дека анализата на звукот е неубедлива и дека звуците можеби воопшто не доаѓале од „Титан“.
Во подморницата имаше капетан и четворица патници.
Еден од патниците беше британскиот бизнисмен Хамиш Хардинг, чија авионска компанија (Action Aviation) на своите профили на социјалните мрежи објави информации за неговата нова експедиција, за неговиот пат кон „Титаник“.
Хардинг, 58-годишен пилот и вселенски турист, во неделата на својот Инстаграм профил објави дека е горд што се приклучил на мисијата на „Оушн Гејт“.
Во подморницата беа и пакистанскиот бизнисмен Шахзада Давуд и неговиот син Сулејман. Давуд беше потпретседател на пакистанскиот конгломерат „Енгро“, компанија со седиште во Карачи за енергетика, земјоделството, петрохемија и телекомуникации.
Меѓу патниците беа и францускиот океанограф Пол-Хенри Наргеолет, експерт за „Титаник“ и Стоктон Раш, основачот на „Оушн Гејт“ и сопруг на потомок на една од жртвите на „Титаник“.
Тој, 46.000 тони тежок брод со 2.224 патници во април 1912 година пловејќи од Англија до Њујорк удри во санта мраз.
Во потонувањето на бродот, кој се сметаше за непотопливо чудо на индустриската ера, загинаа повеќе од 1.500 илјади луѓе, меѓу нив и бројни аристократи.
Американско-француска експедиција во 1985 година ги откри остатоците од „Титаник“.
(Фото: АФП)







