Во израелски ракетен напад во близина на сирискиот главен град Дамаск убиени се четири војници, уште четворица се ранети и причинета е „извесна материјална штета“, објавија сириските државни медиуми рано утринава, цитирајќи воен извор.
„Денеска околу 2:20 часот, израелскиот непријател започна воздушна агресија од правец на окупираната сириска Голанска висорамнина, гаѓајќи некои точки во близина на градот Дамаск“, изјавил воен извор.
„Сириската противвоздушна одбрана пресретна израелски ракети и собори некои од нив“, додал изворот.
Израел со години изведува напади врз цели, како што ги опишува, поврзани со Иран во Сирија, каде што влијанието на Иран се зголеми откако почна да го поддржува претседателот Башар ал Асад во граѓанската војна што започна во 2011 година.
(Фото: Илустрација – Сана Хандут/ЕПА-ЕФЕ)







