Американската влада ги повика државјаните на САД веднаш да ја напуштат Белорусија. Издадено е предупредување таму да не се патува, откако соседните земји Литванија, Латвија и Полска испратија засилени воени сили долж границата поради загриженост од можни активности на платениците на Вагнер.
Стејт Департментот ја означи Белорусија како ризично ниво 4, што е највисоко безбедносно предупредување.
Американците се загрижени за поканата што долгогодишниот белоруски лидер, Александар Лукашенко, во договор со рускиот претседател Владимир Путин, им ја упати на припадниците на платеничката единица „Вагнер“, после она што изгледаше како краткотраен судир меѓу нивниот шеф Евгениј Пригожин и Путин.
Самиот Лукашенко е под американски санкции за кршење на човековите права и политичка репресија по изборите во 2020 година, чија регуларност ја оспорува опозицијата.
Поканата на Лукашенко за силите на Вагнер, со која беше завршена нивната краткотрајна побуна против Кремљ, предизвика загриженост кај земјите-членки на НАТО со кои граничи Белорусија.

„Не патувајте во Белорусија заради континуираната помош на белоруските власти на Русија во нејзиниот напад врз Украина, заради зголемувањето на руските воени сили во Белорусија, слабото спроведување на законот, потенцијалните граѓански немири, ризикот од затворање и ограничената можност за помош на граѓани кои престојуваат или патуваат во Белорусија“, се наведува во предупредувањето на Стејт Департментот.
Литванија минатата недела затвори два од шесте гранични премини со Белорусија.
Стејт Департментот пренесува дека полската, литванската и латвиската влада предупредија дека е можно затворање и на други гранични премини со Белорусија. Полска има отворен уште еден граничен премин со Белорусија, додека Латвија има отворени два премина. И Полска и Латвија го зголемија бројот на воени сили на нивните граници со Белорусија.
(Фото: Нур-фото / Профимедиа)







