Сепак е жив!Иако паѓањето во немилост на Кремљ, односно на претседателот на Русија, Владимир Путин, често значи и ликвидација, генералот „Армагедон“ не го доживеа најлошото сценарио.
Имено, на социјалните мрежи се појави фотографија на која се гледа рускиот генерал Сергеј Суровикин, кој не е виден во јавноста од краткиот и неуспешен воен удар на руската платеничка група „Вагнер“. На фотографијата тој е со сопругата.
„Сергеј Суровикин е слободен, жив и здрав.
Генералот ‘Армагедон’ е добро, ужива во животот и си ја враќа енергијата. Проклети да се теориите на заговор“, пишува тој во објавата покрај фотографијата на која е придружуван од неговата сопруга.
Повеќе извори јавуваат дека Суровикин паднал во немилост на Кремљ после неуспешното востание што го почна „Вагнер“ што траеше само два дена, од 23 до 24 јуни.
Во моментов се води истрага за негова можна вмешаност во побуната, а тој, наводно, е во домашен притвор.
За време на самото востание, Суровикин се појави во едно видео без воени ознаки и изгледаше видно вознемирен.
Тој го повика шефот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин, да се откаже од маршот кон Москва.
Руската државна новинска агенција РИА во август објави дека Суровикин е сменет од функцијата командант на воздухопловните сили и привремено го заменува неговиот поранешен заменик, Виктор Афзалов.
Суровикин го добил прекарот „Генерал Армагедон“ за време на руската воена интервенција во Сирија заради неговата брутална тактика.
Во октомври 2022 година беше назначен за шеф на руските воени операции во Украина, но во јануари таа улога ја презеде генералот Валериј Герасимов, началник на Генералштабот, додека Суровикин беше поставен за негов заменик.
(Фото: „Х“-Твитер)







