Предизборната кампања ја водеше ветувајќи дека ќе стави крај на воената помош за Украина – и победи. Поранешниот словачки премиер, прорускиот популист Роберт Фицо е победник на изборите во Словачка, бидејќи по пребројувањето на гласачките ливчиња од 98 отсто од избирачките места, партијата на Фицо (СМЕР-ССД) води со 23,37 отсто од гласовите, додека проевропската Прогресивна Словачка (ПС) освои 16,86 отсто.
Победата на Фицо може да го загрози европското единство во помагањето на Украина во нејзината одбрана од Русија, анализира американскиот „Њујорк Тајмс“. Фицо ги нападна НАТО и американската политика и се спротивстави на санкциите против Русија. Иако формално левичар, ги привлече гласовите од екстремната десница.
Како земја која се граничи со Украина, Словачка од самиот почеток беше голем поддржувач на одбраната на таа земја, прва спрати ракетен систем за противвоздушна одбрана и прва што испрати борбени авиони, и со тоа ги охрабри другите да направат нешто повеќе.
Со Фицо на чело Словачка би била со Унгарија со Орбан, стравуваат аналитичарите. Тоа би ја зајакнало позицијата на унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој отворено се противи на помошта за Украина, но досега во ЕУ по ова беше сам.
Но, Фицо прво мора да формира влада, а за тоа ќе му требаат коалициски партнери. Се очекува дека потрагата по сојузници ќе потрае бидејќи словачката политичка сцена е премногу раситнета, па големите партии не можат да формираат стабилна влада без поддршка од помалите партии. Затоа, не е прашањето само кој доби најмногу гласови, туку и кој со кого ќе се договори да формира влада.
Прашање е дали партијата на Фицо ќе успее да формира влада бидејќи е обележана со корупциски скандали од времето кога Фицо беше премиер, длабоко непопуларен надвор од кругот на своиите лојални гласачи.
Ако успее да состави влада ова би било негов четврти премиерски мандат, откако беше на чело на владата од 2006 до 2010 година и од 2012 до 2018 година.
Поднесе оставка на местото шеф на владата во 2018 година по убиството на истражувачкиот новинар Јан Куцијак и неговата свршеница Мартина Кушнирова. Истрагата откри големи корупциски мрежи во кои биле вмешани и високи владини функционери, па Фицо беше принуден да даде оставка под притисок на масовните протести, потсетува германски „Шпигел“.
Вчера во Словачка се одржаа избори, што може драстично да влијае на европската политика, стравуваат некои аналитичари. Иако според последните предизборни анкети водеше Прогресивна Словачка, тоа не се преточи во изборните резултати.
„Њујорк Тајмс“ во текстот посветен на вчерашните избори во Словачка наведува дека проруската пропаганда нашла плодна почва во оваа европска држава, со дезинформациите што постојано ги шири преку социјалните и класичните медиуми.
„Станува збор за координирана кампања. Го искористија зголеменото незадоволство кај гласачите поради инфлацијата, високите цени на горивата и енергијата, реакцијата на пандемијата на корона и расправиите меѓу владејачките политичари“, предупреди словачката претседателка Зузана Чапутова.
Научникот Катарина Клингова вели дека на гласачите влијаела историјата: многумина станале полнолетни во време додека Словачка беше советски сателит, заради што некои имаат носталгични сеќавања. Дури 51 отсто од Словаците веруваат дека или Украина или Западот се „првенствено одговорни“ за војната, покажа истражувањето на „Глобсек“ од март оваа година.
Клингова предупредува дека победата на популистичката СМЕР може да ја доближи Словачка до моделот на Орбан на „нелиберална демократија“. Но, за разлика од Унгарија, словачката политичка сцена е изразито расцепкана.
Победата на Фицо веројатно би ги зајакнала нелибералните европски сили, вклучително и конзервативната полска ПиС, која очекува победа на изборите во средината на октомври. И покрај жестоката реторика, Фицо во минатото беше прагматичен лидер кој ја внесе Словачка во Шенген зоната во 2007 година и во еврозоната во 2009 година, па некои аналитичари сметаат дека ниту сега не би направил посилен политички пресврт.
Поради најголемиот буџетски дефицит во еврозоната од речиси седум отсто од БДП, на Словачка и е потребна помош од фондовите од ЕУ за модернизација и закрепнување, па прашање е дали идната влада ќе може да си дозволи конфликт со Брисел.
Враќањето на Роберт Фицо се чини виси во воздух. На СМЕР како партнери првенствено им требаат полибералните социјалдемократи кои од партијата на Фицо се одвоија под водство на поранешниот премиер Петер Пелегрини. Тие освоија 15 проценти.
Партијата на Пелегрини, Глас – социјалдемократија, е можен коалициски партнер и за СМЕР-ССД и за ПС. Но, Пелегрини е за продолжување на воената помош за Украина.
Прва шанса за Фицо
Словачката претседателка, Зузана Чапутова, денеска изјави дека на победникот на изборите во земјата утре ќе му даде мандат да формира нова влада, сигнализирајќи на тој начин дека поранешниот премиер Роберт Фицо ќе ја добие првата шанса да состави коалиција.
Чапутова не ја спомна по име партијата СМЕР-ССД.
„Во духот на нашата уставна традиција, утре ќе му го доверам мандатот за формирање влада на победникот на изборите“, порача Чапутова на Фејсбук.
Таа додаде дека изборите биле слободни и демократски и дека имале висока излезност, што значело дека граѓаните се грижеле за својата иднина.
СМЕР-ССД освои најмногу – 22,94 отсто од гласовите, после речиси сите пребројани гласачки ливчиња, а либералната партија Прогресивна Словачка освои 17,96 отсто од гласовите. Места во парламентот освоија уште пет партии.
(Фото: АФП)







