Потпретседателката на белгиската влада од редовите на Зелените, Петра Де Сутер, вчера ја повика владата да усвои санкции против Израел и да го истражи бомбардирањето на болниците и бегалските кампови во Газа.
„Време е за санкции против Израел. Дождот од бомби е нехуман“, изјави Де Сатер за весникот „Нивсблад“.
„Јасно е дека Израел не се грижи за меѓународните повици за примирје“, додаде таа.
Израел влезе во појасот Газа како одговор на нападите на Хамас на југот на земјата на 7 октомври, во кои загинаа најмалку 1.400 луѓе.
Министерството за здравство во Газа, со кое управува Хамас, објави дека таму починале повеќе од 10.300 луѓе.
Судирот прерасна во една од најкрвавите епизоди во неколку генерации долгиот израелско-палестински конфликт.
Де Сутер смета дека Европската унија мора веднаш да ја суспендира својата спогодба за подобрување на економската и политичката соработка со Израел.
Таа повика и на забрана за увоз на производи од окупираните палестински територии и на насилните израелски доселеници, политичари и војници одговорни за воени злосторства да им се забрани влез во ЕУ.
Белгија истовремено би требала да го зголеми финансирањето на Меѓународниот кривичен суд во Хаг за да го истражи бомбардирањето, но и да го запре протокот на пари кон Хамас.
„Тоа е терористичка организација. Теророт чини пари и мора да има санкции против компаниите и поединците кои го снабдуваат Хамас со пари“, рече „зелената политичарка“.
(Фото: АП)







