Една од вулкански најактивните држави во светот прогласи вонредна состојба поради најновата закана од ерупција.
Околу 4.000 луѓе се евакуирани од своите домови во Гриндавик, кој е најзагрозен град поради неговата непосредна близина до вулканот Фаградалсфјал, на полуостровот Рејкјанес.
Веќе една недела Исланд е сеизмички хиперактивно подрачје, а жителите секојдневно чувствуваат по неколку стотици потреси на тлото. Од петокот е затворена туристички популарната Сина лагуна.
Целиот остров е во тензично исчекување, затоа што експертите велат дека земјотресите, кои со денови се случуваат, се најава за голема вулканска ерупција, која може да се случи „во секој момент“.
Во близина на Гриндавик се појавија огромни дупки, а снимките од воздух кои ги објави крајбрежната стража покажуваат пукнатина што поминува низ центарот на местото, исфрлајќи чад додека магмата се приближува до површината.

Набрзина се градат одбранбени ѕидови околу блиската геотермална електрана, за која се надеваат дека ќе успеат да ја заштитат од течението на лавата.
За многу локални жители, најновиот развој на настаните потсетува на катастрофалната експлозија на еден друг исландски вулкан, Ејафјалајокул, во 2010 година.Сеизмичката активност на тој вулкан започна на крајот на 2009 година и доведе до кулминација, односно ерупција на 29 март 2010 година.Тоа беше првата ерупција на тој вулкан по речиси 200 години.
Втората ерупција започна на 14 април, а огромниот облак од пепел што таа го создаде доведе до најголемото нарушување на воздушниот сообраќај во историјата на Европа предизвикано од природна катастрофа. Милиони патници тогаш со денови останаа заглавени на аеродромите.
Научниците за „Дејли Меил“ изнесоа проценки за новата ерупција и дали може таа да се спореди со Ејафјалајокул.
Професорот др. Дејв Мекгарви, вулканолог од Универзитетот Ланкастер, рече дека огромниот облак од пепел што го видовме пред 13 години веројатно нема да се повтори.
„Можната ерупција што произлегува од сегашните потреси на земјата нема да доведе до нарушувања како ерупцијата на Ејафјалајокул во 2010 година. Во ерупциите на полуостровот Рејкјанес доминира производството на базалтна лава со само мало, незначително, производство на пепел, додека на ерупцијата на Ејафјалајокул доминираше производството на пепел“, истакна тој.
Тој оцени дека е многу малку веројатно најновата ерупција да предизвика нарушување во трансатлантскиот воздушен сообраќај.
Иако главниот град на Исланд, Рејкјавик, е далеку од опасната зона, исландскиот аеродром Кефлавик се наоѓа на околу 17 километри северозападно од активното подрачје.
Авиосообраќајот на Кефлавик засега се одвива непречено.
Сепак, како мерка на претпазливост за домашните и меѓународните воздушни летови кон полуостровот Рејкјанес сега е на сила портокалово предупредување (зголемена вулканска активност). Портокаловото предупредување претставува ограничена опасност за авијацијата.
Следната фаза е црвената, а нивото се подигнува доколку дојде до вулканска ерупција која би можела сериозно да влијае на воздушниот сообраќај.
(Фото: Кјартен Торбјерсон/АФП)







