Собранието денеска, по речиси двочасовна пленарна дискусија, ја изгласа техничката влада. За избор на Владата потребно беше просто мнозинство на гласови од вкупниот број на пратеници. 65 пратеници гласаа „за“, а 3 беа „против“.
ВМРО-ДПМНЕ не гласаше за изборот на влада, иако во неа партиципира со дваjцa технички министри.
Преодната влада се избира на 100 дена пред изборите кои се закажани за 8 мај, а ќе функционира до изборот на новата влада.
Премиер во преодната влада е Талат Џафери од ДУИ, кој вчера до Собранието поднесе полн предлог-состав на Владата, вклучувајќи ги и двајцата технички министри од редовите на ВМРО-ДПМНЕ – Панче Тошковски, министер во Министерството за внатрешни работи и Ѓоко Велковски, министер во Министерството за труд и социјална политика.
Прв заменик-премиер е Бојан Маричиќ, кој останува и вицепремиер за европски прашања.
Мандатарот Џафери во своето излагање пред пратениците кажа дека прв приоритет на преодната влада ќе биде одржувањето на редовните претседателски избори на 24 април и парламентарни избори на 8 мај, на фер и демократски начин.
Тој се обврза на целосно, ефикасно и успешно спроведување на усвоените политики.
„За мене, како мандатар на оваа Влада, нема разлика дали станува збор за 1 или 100 дена, за техничка или преодна Влада. Јас, оваа должност, оваа доверба, чест и над сѐ, исклучително важна одговорност ја сфаќам и ќе ѝ пристапам онака како што сум постапувал во секоја етапа и при секој предизвик којшто се појавувал пред мене во мојот професионален и персонален живот. Сакам да ве уверам дека во ниту еден миг нема да дозволам да отстапиме од тоа што значи функционална и доверлива институција за граѓаните и институција со јасни надлежности, дефинирани со Уставот во однос на другите столбови на власта во Република Северна Македонија“, истакна Џафери.
Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека ДУИ нема доволно пратеници, ниту број на гласови, за да се избере премиер од нивните редови.
„Денеска, Ковачевски и Маричиќ евтино ја продадоа куќата на СДСМ и за нивните фотелји од вашата партија направија привезок на ДУИ. СДСМ, ЛДП и НСДП, верните слуги на корумпираната ДУИ, заради коруптивни побуди, денес, македонскиот народ го направија кираџија во сопствената држава“, рече Антонио Милошоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
За социјалдемократите ова се единствените 100 дена кога ВМРО-ДПМНЕ ќе има можност да биде во власта. Тие се сигурни дека по изборите, Христијан Мицкоски партијата што тој ја преводи (ВМРО-ДПМНЕ) пак ќе бидат опозиција.
„Во овие 100 дена ќе го поразиме концептот на хоророт и враќањето назад, што го промовира Мицкоски. На 8. мај, заедно со граѓаните, ќе го поразиме целиот хорор на ДПМНЕ. На слободни, фер и демократски избори ќе победи европскиот блок, а на 9. мај, Денот на Европа, европскиот фронт ќе прогласи формирање нова, проевропска Влада, којашто ќе обезбеди членство во ЕУ до 2030 година“, посочи Дарко Каевски од владејачката СДСМ.







