Двегодишниот Картер Далас од Велика Британија стана најмладиот кој стигнал до базниот камп на Монт Еверест. Иако на крајот на планинарењето се качил на грбот на неговиот татко Рос, момчето успешно стигна до кампот лоциран на повеќе од 5.300 метри височина, пишува Дејли Меил.
Со него била и неговата мајка Џејд, а целото семејство моментално е на едногодишно патување во Азија, во текот на кое кампот во јужниот дел на Непал им бил една од планираните дестинации. Претходниот рекордер било четиригодишно дете од Чешка.
„Картер помина подобро од мене и неговата мајка, двајцата добивме лесна висинска болест, но тој беше апсолутно добро“, вели Рос во изјава за медиумите.
За да се уверат во тоа дека нивниот не се разболел, го однеле детето на лекар во населеното место пред кампот и му ја тестирале крвта. Резултатите биле многу подобри од оние на неговите родители, кои останале „вчудоневидени“.
Планинарењето започнало 24 часа по слетувањето во Катманду. На брзина купиле храна и вреќи за спиење и тргнале. Верувале дека се добро подготвени бидејќи целото семејство редовно вежба „техники на дишење“ и се потопува во ледена вода – вклучувајќи го и двегодишниот Картер.
Рос и Џејд изнајмиле куќа во Шкотска и купиле три билети во еден правец за патувањето во август минатата година. Прво одлетаа во Индија, па ги посетија Шри Ланка и Малдивите.
Подоцна се упатија во Непал, каде што планинареа во базниот камп, а потоа заминаа во Малезија на свадба.
Следна дестинација им беше Сингапур каде го поминаа роденденот на Картер, а од таму појдоа во Пенанг каде го прославија Божиќ. За Новата година беа на тајландскиот остров Кох Ланта.
Моментално се наоѓаат во џунглата која е дел од тајландскиот резерват во Као Сок, а потоа планираат да ги посетат Бангкок и Камбоџа.
Рос вели дека Картер запознал различни култури и веќе ги научил нивните поздрави, што многу им се допаѓа.
„Беше изложен на различни култури и си играше со деца во малите населби, а тоа навистина му го ‘отвара умот’.
Најмногу сакаше да го слуша исламскиот езан“, објаснува таткото.
Детето развило и вкус за егзотична храна и уживало во јадења како што се рибино кари на Малдиви, пилешки копани и месо од крокодил во Малезија.
Сепак, најомилено јадење му било „пад таи“ (pad thai), кое е исклучително популарно во Тајланд.
Семејството вели дека најважните моменти од нивното досегашно патување им се посетата на кампот-сиропиталиште за слонови и бањањето со нив, разгледувањето на Таџ Махал и пливање со ајкули на Малдивите.
– Се надеваме дека можеме да инспирираме други луѓе да излезат и да го искусат реалниот свет, тоа е многу подобро отколку само да одиме на Тенерифе – заклучи Рос.
(Фото: Фејсбук / Рос Бакпак)







