Светската метеоролошка организација вчера дооцна попладнето соопшти дека временскиот образец на „Ел Нино“ почнал да слабее, но дека ќе продолжи да поттикнува натпросечни температури ширум светот.
„Ел Нино“ е природен временски феномен поврзан со нарушување на појавите на ветерот што значи потопли температури на површината на океаните во источниот и централниот дел на Пацификот.
„Ел Нино“, кој се јавува во просек на секои две до седум години, обично трае од девет до 12 месеци и може да предизвика екстремни временски појави како што се шумски пожари, тропски циклони и долготрајни суши.

Портпаролката на Светската метеоролошка организација, Клер Нулис, вчера изјави дека „Ел Нино“ го достигнал својот врв во декември и дека ќе влезе меѓу петте најсилни во историјата.
„Сега постепено слабее, но очигледно ќе продолжи да влијае на глобалната клима во наредните месеци“, им рече таа на новинарите во Женева.
„Очекуваме температури над нормалата во месеците што доаѓаат , помеѓу март и мај, и генерално во повеќето копнени подрачја.“
Во посебна изјава, генералната секретарка на Организацијата, Селест Сауло, рече дека „Ел Нино“ делумно придонел за неодамнешните температурни рекорди.
„Секој месец од јуни 2023 година постави нов месечен температурен рекорд – а ланската, 2023 година, беше убедливо најтоплата година досега“, рече Сауло во изјавата.

„’Ел Нино’ придонесе за овие рекордни температури, но штетните гасови кои ја заробуваат топлината недвосмислено се главен виновник…“,
Селест Сауло
СМО соопшти дека има околу 60 отсто шанси „Ел Нино“ да се задржи од март до мај и 80 отсто шанси за неутрални услови од април до јуни.
Постои можност Ла Нина, временска шема која се карактеризира со невообичаено ниски температури во Тихиот Океан, да се развие подоцна во текот на годината, но изгледите остануваат неизвесни.
(Фото: Цсиро)







